Борбата која ја водиме не е борба само за семејството Драгичевиќ. Тоа е борба за сите нас – за повеќе права, слободи и правда во нашето општество.

Озрен Пердув

Повеќе од 4 години сум активен член на граѓанската иницијатива „Правда за Давид“. За жал, борбата која трае толку долго сѐ уште не нѐ довела до целта, до правда за Давид.

Нашиот граѓански активизам почна спонтано. Од март 2018 година и срамната полициска конференција за медиумите, на која нашиот сограѓанин од Бања Лука, убиениот Давид Драгичевиќ, беше прогласен за наркоман, крадец, па речиси и самоубиец, спонтано се собиравме на централниот плоштад во Бања Лука, на кој секојдневно доаѓаше таткото на Давид.

На почетокот доаѓавме исклучиво како поддшка на Давор Драгичевиќ и бевме во улога на набљудувачи. И верувавме дека сѐ ќе се заврши многу брзо. Подоцне се запознавме подобро и заедно со Давор ги договаравме следните чекори.

Денеска не сме неформална група граѓани. Имаме Здружение на граѓани „Патот на правдата“ кое спроведува голем број активности.

Организиравме големи протестни собири со неколку десетици илјади луѓе на кои немаше ниту еден инцидент и на кои се бараше само правда.

За жал, власта не даваше никаков одговор. Напротив, сите ние преку ноќ станавме државни непријатели и власта, преку злоупотреба на државниот апарат и на ентитетскиот јавен медиумски сервис, ни цртаа мети на главите.

Во декември 2018 година, по формирањето на новата Влада на РС и по бруталната полициска акција, многу нешта се променија. Полицијата против нас издаваше стотици прекршочни налози поради наводно нарушување на јавниот ред и мир и наводни незаконски собири. Ниедна казна не плативме и во сите ситуации баравме судска одлука.

Еден од бизарните примери е судскиот процес против мене поради тоа што извикав „Правда за Давид“ и така наводно сум вознемирил некои граѓани. Верувале или не, судскиот процес траеше цели 6 часа.

Епилогот на сите судски постапки, со помош на нашите ценети адвокати од Бања Лука, резултираше со тоа што целосно го пониживме и поразивме МВР на Република Српска. Сите процеси ги изгубија, а моите соборци и јас бевме ослободени од каква било прекршочна одговорност. Тоа дополнително нѐ мотивираше да продолжиме со нашата благородна и искрена борба.

Состојбата на нештата денеска е сосема поинаква. Сега ние покренавме кривични постапки против МВР на РС и нивните нечесни припадници поради злоупотреба на положбата и овластувањата, како и тужби поради дискриминација. Некои од тие тужби и ги добивме, а останатото е во процес.

Правни борби водиме и поради незаконските забрани за собирање. Стигнавме до Врховниот суд на Република Српска.

Верувале или не, во јули 2020 година се случи полицијата да нѐ уапси нас десетмина, бидејќи сме им се обраќале на медиумите на претходно закажана прес-конференција.

За жал, Уставниот суд на БиХ во тоа не виде ништо спорно, и поради тоа поднесовме Апликација до Европскиот суд за човекови права.

Важно е да се истакне улогата на медиумите во нашата борба. Често истакнуваме дека тие денеска ни се единствената заштита, а не полицијата, чијашто задача тоа би морало да биде. Медиумите и понатаму обрнуваат големо внимание на нашата борба, а ние се трудиме континуирано да бидеме присутни во медиумскиот простор.

Нам, граѓаните, со Устав ни се загарантирани правата и слободите, но истите никој не ни ги дава на тацна. Живееме во транзициски период, за правата и слободите мораме да се бориме и да бидеме истрајни во таа борба, па успехот ќе биде загарантиран.

Борбата која ја водиме не е борба само за семејството Драгичевиќ. Тоа е борба за сите нас. За повеќе права, слободи и правда во нашето БХ општество.

За живот достоен за човекот.

 

Озрен Пердув, претседател на политичката организација „Движење на правдата“