„Новото нормално“ за оние кои живеат во градските домови е дека, и денеска, по една година, никој од нив не излегол подалеку од малиот двор на институцијата во која се наоѓа.

Николета Косовац

Тоа септемвриско утро ме разбуди порака во која социјалните работнички во организацијата „Лицевлице“ објаснуваат дека не ги пуштиле во однапред договорена посета на нашите продавачи кои се сместени во Прифатилиштето за возрасни и стари лица во Кумодрашка. Има многу нејасни ставки во Правилникот кој е донесен со цел превенција од зараза на корисниците на сите установи за социјална заштита во Белград, а една од нив е дека посетите – кои, инаку, тие денови се одвиваа надвор – не се дозволени ако надворешната температура е под 18 степени.

Во тој момент, веќе неколку месеци живееме во вонредни пандемиски услови. Не знаеме за кого и за што попрво да се грижиме – за тоа дали секојдневно, по милион пати, сме ги испочитувале сите хигиенски процедури, дали сме набавиле сѐ што ни е потребно затоа што наредните неколку дена ништо нема да работи, дали ќе имаме работа за неколку месеци, колку ќе трае сето ова, а за менталното здравје и за тоа како, всушност, се чувствуваме, ретко кој стигнуваше да мисли и да зборува. Меѓутоа, поразувачки е фактот дека единствениот начин на кој градот Белград се обиде да ги заштити оние што живеат во градските домови и во Прифатилиштето за возрасни и стари лица, каде што живеат многумина од нашите корисници, беше тој да ги затвори и да оневозможи излез вон институциите – на неодредено. Набрзо по избивањето на пандемијата, беше донесен Правилник кој требаше да ги заштити корисниците на овие установи од зараза од вирусот. Правилата не беа секогаш најјасни, ниту кога се во прашање посетите, ниту донесувањето на пакети за поддршка. „Новото нормално“ за оние кои живеат во градските домови е дека, и денеска, по една година, никој од нив не излегол подалеку од малиот двор на институцијата во која се наоѓа.

Во редовните телефонски разговори, еден од нашите продавачи, кој живее во еден од градските домови, секојпат прашува како изгледа животот надвор, има ли луѓе на улица и како се однесуваат. Тој човек, потсетувам, повеќе од година дена е затворен во домот и, иако во меѓувреме е ревакциниран, нема изгледи дека во поскоро време ќе му биде дозволено излегување и враќање на животот на каков што навикнал, за кој сонува секојдневно и на кој има полно право.

Што е во овој случај поважно – да се испочитуваат нејасните, а понекогаш и многу чудни процедури, или менталното здравје на луѓето кои веќе не се сигурни дали се наоѓаат во некој лошо режиран филм, во затвор или во дом кој би требало да им го олесни животот?
Со оглед на тоа дека „Лицевлице“ веќе 10 години работи со припадници на различни маргинализирани групи со цел нивно економско и социјално јакнење, во последнава година моравме да бидеме крај нив повеќе одошто кога и да е претходно. Беше важно да им помогнеме на повеќе нивоа – да бидат економски сигурни и покрај тоа што на доста од нив им беше оневозможено да работат, да добијат поддршка околу плаќањето кирија, намирници и хигиенски производи, да имаат секојдневна психосоцијална поддршка, да се обидеме да ги заштитиме од потенцијално инфицирање со вирусот така што ќе ги снабдиме со заштитна опрема и ќе им бидеме извор на информации, бидејќи повеќето од нив немаат телевизор, паметни телефони и достапен интернет, итн.

Иако оваа држава одамна во целост го запостави мнозинството свои граѓани и граѓанки, ние никогаш нема да го сториме тоа. Ќе се бориме уште погласно, здружени и солидарни, сѐ додека интересот на заедницата, јавното здравје, правото на покрив над глава, правото на оброк и на работа, односно адекватната и навремена грижа за најранливите членови на нашето општество не се најдат во центарот на социјалната политика – но, не само на хартија, туку и во пракса.

 

Николета Косовац, координаторка на организацијата „Лицевлице“