Како стручно лице, не се согласувам со рестриктивни мерки кои ќе стимулираат вакцинација. Афирмацијата на вакцините може да се изведе на многу покултурен и постручен начин. Тие навистина спасуваат животи, направете кампања за тоа.

 Д-р Никола Пановски

Го спремам второто издание на учебникот по Медицинска микробиологија за студенти по медицина, во улога на негов уредник. Го гледам поглавјето Имунотерапија и имунопрофилакса, во делот Класификација на вакцините, а таму се наведени: живи вакцини, инактивирани вакцини  ( вируси, бактерии или токсини), рекомбинирани вакцини ( мРНК, векторски, протеински итн), комбинирани вакцини, задолжителни, доброволни, сезонски итн.  За сите вакцини се вели дека се аплицираат со цел лицето да добие имунитет кон одредена болест или со масовна вакцинација да се постигне колективен имунитет. Каде и како да ги класифицирам вакцините против Ковид 19 кои денеска се аплицираат со единствена цел за добивање на сертификат, аусвајс, ковид пас и какво име да им дадам? Аусвајс вакцини можеби не е за во учебник, но сигурен сум дека студентите би ги запаметиле засекогаш. Во секојднeвната моја волонтерска работа, често комуницирам со граѓаните и им давам совети во врска со пандемијата. Наидувам на голем број на прашања во врска со вакцините на кои немам одговор кои би ги задоволил. Еве неколку примери:

 

  1. Прележан во август 2021 година, имам антитела 500 пати повеќе од референтната вредност, во наредните 15 дена морам да се вакцинирам, бидејќи сертификатот ми важи 45 дена. Ве молам со која вакцина?
  2. Имам прележано ковид во април годинава, имам антитела петпати над референтната вредност, вие ме советувавте да примам една доза фајзер, верувам дека втората доза е непотребна како што тврдите, ама нема да можам да добијам Ковид пас со една доза, а ми е неопходен.
  3. Вакциниран сум со две дози Спутник (исто важи и за Синовак, Синофарм), имам антитела, но за Ковид пас не ми ги признаваат во ЕУ. Со која вакцина да се вакцинирам сега, Фајзер или Астра?
  4. Нашиот син треба да студира во Велика Британија, вакциниран е тука во Скопје со две дози Фајзер, но Британија не ги признава вакцините примени кај нас, ниту во другите балкански земји кои не се во ЕУ. Дали да го однесам во Ќустендил (Бугарија) за да прими уште две дози Фајзер, инаку и со негативен PCR тест ќе мора десет дена да оди во карантин.
  5. Имам антитела стопати над референтната вредност, не сум прележала ковид, дали да се вакцинирам и со која вакцина.

За сите 5 случаи, а преку нив се претствани илјадници граѓани,  мојот одговор е дека не треба вакцина, освен за вториот случај каде треба само една доза.  Сепак, тие се под присила, било од мерките донесени во нивната земја Македонија, сертификат за влез во ресторан, театар, молови и затворени простории, било од земјите во кои би требало да патуваат.  Значи вакцините кај овие лица би се дале без потреба, без корист, а може да имаат несакани ефекти, а се и голем финансиски трошок. Позитивниот ефект по индивидуалното и колективното здравје е нула, вакцинацијата во тој период е непотребна и неразумна. Се работи за еден вид на присила. Кој ќе одговара што го присилил лицето да се вакцинира со исклучива цел да добие сертификат? Посебен проблем е Македонија која издава сертификат за прележаност во траење од само 45 дена!!! За да си го продолжи сертификатот штотуку прележаниот, природно имунизиран, во момент кога неговите ИгГ антитела се на врвот, треба да прими две дози вакцина.  Ова веќе наликува на злочин.

Како стручно лице, не се согласувам со рестриктивни мерки кои ќе стимулираат вакцинација. Афирмацијата на вакцините може да се изведе на многу покултурен и постручен начин. Тие навистина спасуваат животи, направете кампања за тоа. Во малата Македонија, смртност од Ковид во сегашниот бран го потврдува тоа. Градовите со опфат на вакцина над 50%, имаа десетпати помала смртност во однос на градовите со процент на вакцинирано население под 20%. Со нестручни мерки, како онаа, можеш да се вакцинираш со една доза и по пет минути добиваш сертификат, иако имунитет ќе добиеш некаде по еден месец, само се хранат антиваксерите.

Што би запишал за аусвајс вакцините во учебникот: „Најдобри се оние аусвајс вакцини кои содржат физиолошки раствор.“

 

Д-р Никола Пановски, Редовен професот по микробиологија на Медицинскиот факултет, УКИМ Скопје