Демократските држави на Балканот сѐ уште се многу ранливи по однос на следењето на комуникациите и често слушаме за злоупотреби од страна на државни, пред се безбедносни институции, кои незаконски ги следат комуникациите на политичарите, стопанствениците, граѓанските активисти…

 д-р Никола Дујовски

Линијата помеѓу заштитата (гарантирањето на безбедноста на луѓето и имотот) и загрозувањето на човековите права и слободи и основните принципи на демократијата, е особено тенка и мора да се развива како што се зајакнуваат и испреплетуваат односите меѓу луѓето.

Напредокот на технологијата и информациската индустрија, овозможи бројни корпорации релативно слободно на пазарот да произведуваат средства за следење на комуникациите. Недоволната законска регулираност за производство и пуштање во промет на вакви средства, овозможува на поединци и/или групи да набават таква опрема и непречено да ја користат.

Токму деновиве се актуелни случаите со наводното прислушување на Специјалниот државен обвинител на Црна Гора, како и наводите за организирана група која го прислушувала српскиот претседател, но и добро познатиот случај на организирано, континуирано и долготрајно прислушување на повеќе од 20 илјади македонски граѓани. Тоа говори дека демократските држави на Балканот сѐ уште се многу ранливи по однос на следењето на комуникациите и често слушаме за злоупотреби од страна на државни, пред се безбедносни институции, кои незаконски ги следат комуникациите на политичарите, стопанствениците, граѓанските активисти…

Република Северна Македонија гради карактеристичен модел за контрола на следењето на комуникациите. Со реформите на безбедносниот сектор кои започнаа во 2017 година, беше формирана Оперативно-техничката агенција, самостоен и независен државен орган кој обезбедува техничка поврзаност помеѓу операторите и овластените органи за следење на комуникациите. ОТА е орган кој обезбедува премин и овозможува вклучување на следењето, но не поседува техничка можност за пристап до содржината на следената комуникација. Агенцијата има обврска да ја прифати секоја наредба за овозможување на следење кое се однесува на кривични истраги и заштита на интересите на безбедноста и одбраната на државата. Во други случаи, ОТА нема да овозможи пристап и премин од операторот до овластениот орган (јавното обвинителство и органите со полициски овластувања). Од друга страна, споменатите органи имаат техничка можност да ги следат, запишуваат, обработуваат податоците од операторите, но немаат техничка можност да го започнат процесот на следење, односно да воспостават врска со операторот. Токму на овој начин се постигна балансот на условно речено „главните играчи“ во прислушувањето, односно физичката спреченост на полицијата, тајната полиција и другите органи незаконско и по нечија волја да воспостават следење на комуникациите.

Но тоа е само теорија која не гарантира посебна заштита и безбедност. Граѓаните не знаат и не се должни да знаат како и на кој начин државата ја гарантира тајноста на нивната приватност. Но денес имаат можност да веруваат во систем кој барем засега функционира без поголеми предизвици и е пример и за другите земји во регионот.

Секако, на врвот на оваа пирамида се наоѓа политичката волја за почитување и гарантирање на основните човекови слободи и права предвидени во Уставот и ратификуваните меѓународни договори. Се додека политичката волја не го попречува нормалното  функционирање на нововоспоставениот систем, граѓаните немаат потреба од грижи и сомневања. Системот е поставен на начин самиот да врши контрола и баланс помеѓу надлежните и да не дозволи никакви пропусти или тесни грла во заштитата на комуникациите.

 

Проф. д-р Никола Дујовски,  Декан Факултет за безбедност –  Скопје