Најавата за реактивирање на „Берлинскиот процес“ значи враќање на иницијативите кои ги собираат и приближуваат сите држави од регионот со фокусирање на сè уште важните ЕУ стандарди и никогаш поважните ЕУ политики, позначајно и подинамично приближување кон полноправно членство на државите од регионот во ЕУ.

Неџма Џанановиќ

Географијата е, за повеќето држави, судбина. Иако соседите не можете да ги промените, со помош на механизмите на регионалната дипломатија можете да се обидете да ги (ре)дефинирате односите со нив преку заедничко препознавање на меѓузависноста, создавање на сопствена и блиска мрежа на поддршка во глобализираниот свет, унапредување на економската соработка и безбедносното опкружување, а неретко и преку земање пример од постоечките успешни модели на регионална соработка и обид за примена на домашен терен.

Кога добро функционира, регионалната соработка може да ги промени односите меѓу соседите, да ги здружи ресурсите, да отвори нови облици на соработка, па дури и да помогне во решавањето на конфликти. Теоријата и праксата на регионалната дипломатија укажуваат на тоа дека позитивни резултати можат да се остварат во услови во кои ќе се поклопат некои од следниве клучни елементи: јасна визија за користа од соработката, препознавање на приоритетните механизми и областа на соработка, отсуство на раскол и поделби, како и подготвеност на политичарите да ги проголтаат сопствените ега и да работат кооперативно. Покрај наведените нешта, важна е и рамнотежата меѓу краткорочните и долгорочните цели, успехот во мобилизацијата на домашните актери и граѓани, уважувањето на различните искуства, заедничката тема, изградбата на силни институционални врски и поддршката од невладините актери.

Од друга страна, постојат и ограничувачки фактори кои треба да се земат предвид и да се адресираат, пред да прераснат во препреки за регионалната соработка. Тоа можат да бидат преамбициозни цели и планови, непостоење на долгорочна перспектива која може да се спротивстави на непосредните национални интереси, отсуство на механизми за решавање на билатералните прашања, неможност за примена на „позајмени концепти“, проширување на членството кое ја загрозува стабилноста или го забавува развојот на организацијата, или форсирање на т.н. top-down процеси со кои управуваат лидерите. Последен во низата, но не и најмалку значаен фактор е можноста за доминација на еден од регионалните партнери кој се обидува или успева да го контролира регионалниот поредок.

Сите наведени фактори се препознатливи, во различни размери, во досегашните искуства на државите од Западен Балкан во регионалната соработка, почнувајќи од Пактот за стабилност (1999 година), до последната регионална иницијатива именувана како „Отворен Балкан“ (2021 година).

Сериозната евалуација на наведените фактори се чини поважна од кога и да е. Повеќе од 30 регионални организации и иницијативи за ЗБ придонесоа за пост-конфликтно нормализирање на односите, воспоставување на економска соработка, како и редовни контакти на настаните на кои се собираат регионалните лидери.

Од своја страна, ЕУ политички и финансиски ги поддржа иницијативите кои ги поврзуваа интересите и политиките во регионот, регионалната соработка е содржана во спогодбите за стабилизација и придружување што државите од регионот ги потпишаа со ЕУ, која го следи развојот и напредокот.

Иако често занемарен, многу важен политички капитал и сигнал за политичарите претставува и ставот на граѓаните. Според Балканскиот барометар кој го објавува Регионалниот совет за соработка, 76% од анкетираните во државите од регионот ја поддржуваат регионалната соработка.

Па, сепак, длабоките политички поделби во регионот и понатаму се присутни, отворените билатерални прашања се нерешени и претставуваат плодна почва за ескалација на тензии, особено во предизборните циклуси. Конечно, тука е и контроверзниот „Отворен Балкан“, како прва регионална иницијатива која го подели регионот и додатно ја крева политичката температура во Босна и Херцеговина и во Црна Гора, а Косово го изолира.

Најавата за реактивирање на „Берлинскиот процес“ значи враќање на иницијативите кои ги собираат и приближуваат сите држави од регионот со фокусирање на сè уште важните ЕУ стандарди и никогаш поважните ЕУ политики, позначајно и подинамично приближување кон полноправно членство на државите од регионот во ЕУ, како и вложување во заедничката иднина на ЕУ и на Западен Балкан.

Кога станува збор за новите потреби и содржини, актуелниот момент налага, без оглед на форматот, па и на називот, конкретни придвижувања на државите од регионот во областа на енергетската и на дигиталната трансформација, во борбата против климатските промени, во соочувањето со економските и со други последици од руската инвазија врз Украина. Исто така, политичките аспекти од процесот мораат да останат јасни – несомнено надворешнополитичко усогласување со ЕУ и градење меѓусебна доверба преку решавање на отворените билатерални прашања.

 

Неџма Џанановиќ, водечка експертка од БиХ во областа на дипломатијата и интеграциските политики, професорка и истражувач на ФПН во Сараево