Со неколку регионални ТВ-канали што сјаат во мракот, по барем еден важен портал во секоја од земјите во регионот и со армија од оние кои сакаат да одат во Европа со тоа што ќе останат свои на своето, војната за нормалност ќе биде добиена.

Неѓељко Рудовиќ

Секогаш кога ќе започне нашето лудило, нашите тешки и жестоки расправии за минатото, нацијата, границите, јазикот, шампионатот во регионот… и за таа цел, враќањето во една од најмалку две верзии на историјата, помислувам како нè перципираат некои добронамерни службеници од Стејт департментот, Форин Офисот, Ке Дорси, нивните колеги во Москва, Пекинг, Берлин итн., задолжени за следење на состојбата на малиот и интересен Балкан. Веројатно се зачудени и изморени од обидот да ги уловат сите нијанси на една необична драма што се репризира повеќе од еден век. Секако се вџашени што по толку децении, водачите на неколку десетици милиони луѓе не се во состојба да излезат од темната дупка на меѓусебно неразбирање и на омраза што се вжештува одвреме навреме.

Како е можно некој, соочен со мрачната економска сегашност и утрешнина, да се занимава повеќе со историјата? Како не им е јасно дека така ќе останат вечни маргиналци, како не можат да разберат дека само преку меѓусебна соработка можат да ги закрепнат своите економии, да ги зајакнат на тој начин своите држави и конечно да стекнат барем некаков углед на меѓународната сцена?

Смешни сме во очите на напредниот свет, а последиците се трагични. Најдобрите меѓу нас заминуваат без намера некогаш да се вратат. Во најголем дел, нашите поранешни југословенски држави стануваат заложници на партии, алчност и зачувување на моќта. Претежно се предмет на грабеж од страна на моќниците.

Во што е трикот овде? Ми се чини, пред сè, во недостатокот на свесност дека занимавањето со политика значи да му служите на вашето општество. Задржувањето на моќта тука подразбира ширење страв и претставување на себеси како гарант за заштита на „националните интереси“. И тоа првенствено од првите соседи. Ова неизбежно значи неуморни обиди за ставање под контрола на највлијателните медиуми и манипулација. Целта е гласачот да не стане избирач, да слуша, а не да се прашува, да следи, а не да биде граѓанин. Оттука, сè уште имаме жилави напори да се зачуваат затворените општества во поранешните југословенски држави, во кои се филтрираат информациите. Бидејќи тука е ретка навиката да се добијат информации за тоа што се случува со соседите преку нивните медиуми, често има плодна почва за лесно да се оцрнат едните во очите на другите. И тоа лесно доведува до тензии и, многу брзо, до ширење на нов бран на меѓусебна омраза. Тогаш избраните политичари почнуваат да го „бранат“ достоинството на својата драга татковина и за епилог добиваме уште едно возење во круг. Зближувањето, соработката, довербата, почитта, работните места, животниот стандард… остануваат утопија. Одѕвонува Хејт Словени.

Може ли дигиталното општество да го совлада и да го промени застарениот систем? Можат ли новите медиуми, кои се на пат да го превземат приматот од разните „ТВ Бастилја“, да отворат пат за некоја модерна верзија на братство и единство? Песимистите ќе кажат дека и ова е утопија, бидејќи манипулацијата од ТВ-екранот најчесто се репродуцира токму преку социјалните мрежи. Оптимистите сметаат дека не мора да биде баш така затоа што секој граѓанин стана медиум. Како што се верува дека во пресрет на војната во БиХ имало многу повеќе луѓе кои сакале мир, но дека надвладеало агресивното малцинство, така денеска е утешно да се верува дека околу нас сѐ уште има повеќе пристојни луѓе што размислуваат одошто насилници и ботови. Со неколку регионални ТВ-канали што сјаат во мракот, по барем еден важен портал во секоја од земјите во регионот и со армија од оние кои сакаат да одат во Европа со тоа што ќе останат свои на своето, војната за нормалност ќе биде добиена.

 

Неѓељко Рудовиќ е новинар, се стекна со професионална афирмација во „Вијести“, беше дописник на најугледните регионални неделници и член на парламентот на Црна Гора