На Србија веќе не ѝ се потребни никакви преговори, ниту услови за прием во членството. Тоа што Вучиќ го направи за Србија, никој никогаш не го направил за ЕУ.

Ненад Кулачин

Конечно дојде и овој ден – 1 април 2022 година, денот кога ќе биде познато дали Србија, односно нејзиниот претседател, ќе одлучи да стане членка на Европската унија.

За денеска е закажана инаугурацијата на Александар Вучиќ за претседател на Србија по брилијантната победа на минатите претседателски избори. На тие избори освои 97,43 отсто од вкупните гласови. Сите останати претседателски кандидати – Војислав Шешељ, Миша Десница, Милица Заветница, Гоца Чомиќ, Мирољуб Под Мач Бато и Бранислав Несторовиќ, освоија 2,57 отсто.

Оваа брилијантна победа дојде по онаа уште поважната, која Александар Вучиќ ја оствари над коронавирусот, единствен во Европа. Додека Европската унија тешко се бори со четвртиот бран, новоизбраниот претседател на Србија е единствен во Европа кој организираше фер, слободни и демократски избори. И тоа по 17-тиот бран на коронавирус. Еј, ЕУ е само во четвртиот, а ние стигнавме до 17-тиот бран, и короната дефинитивно се откажа. Ја нема веќе.

Претседателот Вучиќ ја восхити ЕУ со својата снаодливост, борејќи се против овој подмолен вирус, и тоа 17 пати. Ја искористи својата шанса. Србија е прва во Европа по индустриски раст, по БДП, по производство на кибрит, на гумени бонбони и по продажба на вц-шолји. Ние сме единствената земја што го уништила коронавирусот, само ние имаме фабрики за производство на вакцината, и тоа од седум различни производители – по три од Русија и од Кина и еден од Маврициус. Единствено во Србија вакцините се купуваат во самопослуги, во големи трговски центри, во мали аптеки, а во моментов се преговара да се најдат и во понудите на железарите, чевларите и кројачите. Тие вакцини во голема мера ги извезуваме во рамките на програмата Србакс, само нема кој да ги купи, па претседателот Вучиќ сериозно размислува за подарок-пакети.

По ваквите успеси кои ги создаде сам со своите десет прсти и со деноноќно работење, на изборите е одлучено дека Србија веќе нема да има ниту парламент, ниту влада, туку само претседател. Народот тоа го прифати и му овозможи на Вучиќ најпосле, со полни гради, да може да каже – Србија, тоа сум јас. Најпосле и Србија ја сфати сета генијалност на нашиот претседател и реши да му се препушти. На Србија веќе не ѝ се потребни никакви преговори, ниту услови за прием во членството. Тоа што Вучиќ го направи за Србија, никој никогаш не го направил за ЕУ. Брисел се надева дека со одлуката на Вучиќ Србија да стане членка на ЕУ, европскиот континент би тргнал вртоглаво напред и не би постоело ништо што би можело да се покаже како непремостива препрека во понатамошното напредување на населението. Доволно е Вучиќ сам да одлучи што и како ќе прави понатаму.

Во исчекување на оваа одлука, важно е да напоменеме дека не му е лесно. Толкава одговорност на негов грб. Но, за него нема страв и нерешливи енигми. Од моментот кога за првпат ги искористи своите натприродни моќи за доброто на сите нас, онојпат кога во Фекетиќ спасуваше дете од снежни наноси, беше јасно дека по европското тло чекори некој кого сите ние со векови сме го чекале.

Европа сфати дека може да ја спаси само – ТОЈ. Ова прашање е многу поважно за ЕУ, одошто за Србија. Ние можеме без ЕУ, но дали Унијата може без нас? Одговорот ќе биде појасен уште утре.

 

Ненад Кулачин, автор и водител на првиот српски политички шпагети истерн – Добар, лош, зол