И самата закана е насилство, и така мора да биде третирана. Освен тоа, неопходно е да се развие свест во општеството дека насилството е неприфатливо, вклучувајќи и обврска на граѓаните да го пријават. Со децата треба да се работи уште од основно училиште на оваа тема, особено со момчињата на кои „силувањето треба да им стане еднакво одбивно како и канибализмот“.

Пишува: Јелена Хрњак

Ковид пандемијата покажа дека животот на една жена, жртва на насилство, во многу нешта потсетува на постојана вонредна ситуација. Многу од жените со вакво искуство, особено жени жртви на трговија со луѓе, и пред кризата предизвикана од короната биле социјално изолирани. Сите оние грижи што ги имавме во ковидот, а кои се однесуваа на тоа дали ќе имаме доволно храна, работа, слобода, за жртвите на трговија со луѓе, за жал, станале реалност.

Ковид пандемијата соголи и многу други проблеми во нашето општество и нѐ научи дека институционалните одговори сами по себе не се доволни, дека без организација на граѓанското општество, особено на женските организации, не е возможно да се даде адекватен одговор на комплексни проблеми како што е насилството (државните институции во областа на заштита на жртвите на трговија со луѓе успеале во кризниот период на ковид да одговорат на само 30% од потребите на жртвите на трговија со луѓе, додека 70% покриле граѓански организации).

Ние се прашуваме дали жртвите добиваат помош и поддршка доколку ги побараат, наместо да се постави прашањето дали на жртвите јасно и во доволна мера им се нуди помош, и дали поддршката воопшто допира до нив. Не смееме да чекаме жртвата да побара помош за да реагираме, за воопшто да признаеме дека постои проблем.

Иако државната статистика вели дека бројот на пријавени случаи на насилство над жени во текот на ковидот се намалил, тоа воопшто не значи дека имало помалку насилство. Искуството на НВО „Атина“, но и моето лично искуство, велат дека проблемите допрва ќе почнат да растат откако ќе се санира пандемијата. „Атина“ по неколку месеци од избивањето на пандемијата интервјуираше 36 жени жртви на трговија со луѓе. Дури сега имаме некои од параметрите. Жените кои почнале самостојно да заработуваат, нашле работа и пред короната, и кои се потпирале сами на себе, во оваа криза ја изгубија таа можност. Големо мнозинство останало без работа (според последната статистика, 78% од нив) и без видливи изгледи дека по излезот од кризата ќе најдат нова работа. Многу од нив работеле непријавени или хонорарно, па ни помошта од државата не стигна до нив во смисла на минимална заработка, односно дел од истата.

Во  Србија сѐ уште се најгласни оние што не кажуваат јасно дека нема оправдување за насилство. Мерките што ги пропишува нашиот закон мораат неизбежно да се применуваат, а институциите мораат посилно да се спротивстават и да дадат свој неподелен одговор на овој горлив проблем. И самата закана е насилство, и така мора да биде третирана. Освен тоа, неопходно е да се развие свест во општеството дека насилството е неприфатливо, вклучувајќи и обврска на граѓаните да го пријават. Со децата треба да се работи уште од основно училиште на оваа тема, особено со момчињата на кои „силувањето треба да им стане еднакво одбивно како и канибализмот“. Ако оваа пандемија на нешто нѐ научи, тоа е дека човековите права и женските права мораат одново да се освојуваат, бидејќи ништо не се подразбира. Затоа оваа година, 16-те дена на активизам мораат да бидат помоќни, поделотворни и погласни од кога и да е.

 

Јелена Хрњак, програмска менаџерка на организацијата „Атина“, активистка за женски и за човекови права. Посветена е на директна поддршка и на долгорочна помош на жени и деца, жртви на трговија со луѓе и на родово засновано насилство.