Граѓанската свесност за овие состојби која се покажа ефикасна во мојот случај е зрак на надеж дека може би има светло на крајот од овој тунел на неправдата.

Наташа Димитриевска

Владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Македонија, и гарант за заштите на правата и слободите на граѓаните се независноста и непристрасноста на судиите, односно на секој еден кој е чинител во правосудниот систем.

Но, колку во нашата држава владее овој принцип е знак прашање!

Според мене нашето општество не е подготвено да се бори за вредностите кои се вградени во системот и преку тоа да завладее правото.

Граѓаните ја изгубиле вербата во владеењето на правото во државата.

До пред извесен временски период ќе се слушнеше размислување ќе ги остварам своите права пред суд, но сега доминира мислата која пријателска поврзаност да ја искористам за да успеам во своите права или за да го изиграм системот, колку треба да платам за да останам на слобода, да добијам условна казна …

Јас самата бев оштетена и законски застапник на жртва во истражна и судска постапка. Во сообраќајна несреќа го изгубив сопругот и плодот кој го зачнавме.

Верував во владеењето на правото во државава, и правдата која спореред секоја логика требаше да му ја донесе казната на возачот кој го уништи мојот живот постапувајќи споротивно на сите сообраќајни правила и прописи поради што се случи таа трагедија. Надежите беа залудни и на крајот само се разочарав и помош барав од сограѓаните.

Од целокупната постапка можам да извлечам заклучок дека кај нас судиите, јавните обвинители, сите кои се дел од тој систем се штитат еден со друг.

Постојано се најавуваат реформи во правосудството, но според мене истите секогаш остануваат на најава или направените измени се од несуштинско значење за заштита на правата, како што е вработувањето по принципот на правична застапеност, јазикот на постапката, воведувањето на Академијата за судии и јавни обвинители, измени кои не ги тангира насобраните проблеми со кои секојдневно се соочува граѓанинот.

Сметам дека во судските постапки повеќе се посветува внимание за да не се повредат правата на осомничениот, обвинетиот, дека сите законски измени се во таа насока, а дека жртвата, оштетениот е “заштитен” од обвинителството.

Од лично искуство, доколку во случајот за сообраќајната незгода кај Млечен не добиев подршка од граѓаните преку социјалните мрежи, јавното обвинителство немаше да поднесе жалба во тој предмет, а за смртта на Гоце, за загубата на нашиот плод и за моите тешки телесни повреди, веќе осудениот, ќе поминеше само со условна казна, а јас како оштетена немам законско право да поднесувам правен лек до повисокиот суд.

Народот не верува дека во државава владее принципот на владеење на правото, а тоа се докажа преку мото протестот #ПРАВДАЗАГОЦЕ #ПРАВДАЗАМЕНЕ и #ПРАВДАЗАНАС кој беше подржан од сите граѓани, а по повод пресудата со условна казна. Граѓанскиот протест сепак издејствува казна од две години затвор.

Коментарот на секој е дека не е доволна казната од ефективни 2 години за смртта на Гоце, за загубата на плодот и моите тешки телесни повреди, но борбата за владеење на правото продолжува, сега осудениот треба таа казна да ја изврши, но наместо тоа тој и понатака продолжува да го изигрува системот.

Секој судија во нашата држава пресудите ги изрекува во наше име, но кога народот ќе се побуни против тие одлуки, Судскиот Совет и Советот на јавните обвинители потребно е да извршат анализа и да ги исправат грешките со тоа што ќе се започне да се разрешуваат судии, јавни обвинители, ќе се казнуваат, но не само оние кои одлучувале во политичките процеси за организиран криминал, туку и оние кои одлучувале во предмети кој го засегаат “обичниот народ”, како што е мојот случај. На народот му е доста од политичките предмети кои се гонат, кои траат толку долго, до застарување, бегства, изигрување на системот, а за тоа никој од оние кои треба да се темел на владеење на правото да не сноси одговорност. Граѓанската свесност за овие состојби која се покажа ефикасна во мојот случај е зрак на надеж дека може би има светло на крајот од овој тунел на неправдата.

 

Наташа Димитриевска, адвокат