Празнувањето на 11 ноември во Србија е спорно поради политичката злоупотреба. Најдрастичниот пример на ретрадиционализација и монументализација на националистичкиот наратив е актуелното подигање на споменик висок преку 20 метри во чест на родоначалниот на српската средновековна држава, Стефан Немања (12 век), во центарот на Белград, додека истовремено се најавува менување на имињата на улиците именувани според географски области што не се вклопуваат во новите национално прекроени атари (Дубровачка, Сарајевска, Шибеничка).

:Сања Радовиќ

Одбележувањето на денот на примирјето, а всушност крајот на Првата светска војна (11.11.1918) на прв поглед е еден од понелогичните празници, доколку се знае дека таа иста војна, во нешто поинаков облик, но суштински со истите актери и недовршени планови, е продолжен 20-тина години подоцна, поради што би имало повеќе смисла да се одбележува само крајниот датум со кој е заокружена епохата на светски војни – денот кога завршила Втората светска војна. Оправдувањето за одбележувањето на 11 ноември во држави како Велика Британија, Франција и Белгија лежи во тоа што празнувањето во наведените земји е востановено веднаш во годините по завршувањето на Големата војна. Во Србија, пак, Денот на примирјето почна да се прославува со речиси 100 години задоцнување (дури од 2012 година) и во таа смисла, невозможно е да се разгледува воведувањето на овој празник надвор од политичкиот контекст од кој се изродил.

Треба да се каже дека празнувањето на крајот на Првата светска војна во Србија не е спорно од аспект на историјата и на значењето на самата војна, туку првенствено од аспект на политичката употреба во современиот момент.

Опортунизмот во величењето на Првата наспроти Втората светска војна е очигледна доколку двете се провлечат низ идеолошка призма – Првата светска војна во таа смисла е „чиста“ српска победа, додека во Втората, победата е извојувана со помош и соработка со довчерашните сонародници, а денеска нималку пријателски перцепирани соседи. Покрај тоа, начинот на прослава и значењето што му е додадено на овој празник (неработен ден) сведочи за јасната намера да се изедначи со друг важен празник, Денот на државноста (15 февруари). На тој начин, националистичкиот наратив ја сведува српската историја – и ја ограничува со два национални празници – на вертикала на српските ослободувачки и победнички војни.

Набљудувано низ теснонационалистичка призма, токму тука околку 1918 година, кога српското национално битие е втерано во за него неприродните државни рамки, и завршува српската историја. Со други зборови, изостанувањето на исклучиво српско историско искуство во наредниот период довело до губење на релевантноста и на историското значење на подоцнежните настани. Оттука, ништо не е појасно од потребата за бришење од историјата на несрпските додатоци стекнати по 1918 година и за враќање на периодот пред 1918 година. Посебна опасност од вакво политичко филтрирање носи тоа што одрекувањето од вредностите на Втората светска војна и на комунистичката идеологија со себе повлече и одрекување од антифашизмот, но тоа е друга тема.

За да може воведувањето на Денот на примирјето како празник уште подобро да се сфати и да се контекстуализира, на овој наратив треба да му се додаде и сѐ почестото подигање споменици на национални српски водачи, паралелно со отстранувањето на оние од времето на Југославија. Најдрастичниот пример на ретрадиционализација и монументализација на националистичкиот наратив е актуелното подигање на споменик висок преку 20 метри во чест на родоначалниот на српската средновековна држава, Стефан Немања (12 век), во центарот на Белград, додека истовремено се најавува менување на имињата на улиците именувани според географски области што не се вклопуваат во новите национално прекроени атари (Дубровачка, Сарајевска, Шибеничка). Она што тесната и, со последниот бран на национализам, дополнително стеснета перспектива не може да го опфати е значењето на што било што нема јасен српски предзнак – во споменик, во име на улица или во празник.

Креаторите на новата национална парадигма превидуваат дека, како што дестилираната вода не е за пиење, исто така ни дестилираната историја нема никаква вредност. Таа е злоупотребена и просеана до таа мера што служи само како параван од хартија кој треба да сокрие дека зад одбраните споменици и празници се наоѓа една суштински племенска логика и провинцијален дух.

 

Сања Радовиќ, историчарка, докторантка на Филозофскиот факултет во Белград. Истражувачка на различни проекти и соработничка на Join History Project (заедничка историска читанка со 13 земји во Југоисточна Европа)