Десетина години пишуваме за обидите за раскинување на спрегите на триаголникот политика – бизнис – медиуми, како едно од најголемите општествени зла што се уште го држи новинарскиот пазар со наведната глава.

Младен Чадиковски

Медиуми и политика? Независно новинарство? Субјективен приод кон проблемите на политичарите или објективна опсервација за проблемите на граѓаните? Што беа тоа медиуми, вести  и новинари? Во ек на сеопшта хајка и преплавеност од лажни наративи, колку македонските телевизии и новински куќи се снаоѓаат во напливот од нови техники што ги пружаат модерните алатки на новата ера – социјалните мрежи и паметните телефони, наместо камера и микрофон во рака, тефтерче за пишување и диктафон во десниот џеб? Како денешното новинарство да одговори на предизвиците, а се уште плута меѓу привидната слобода,  тенденциите за (само)цензура и финансиската зависност од политиката.

Десетина години пишуваме за обидите за раскинување на спрегите на триаголникот политика – бизнис – медиуми, како едно од најголемите општествени зла што се уште го држи новинарскиот пазар со наведната глава. Постојат низа на причини што ја детерминираа медиумската сцена во Македонија да се препелка во една мочуришна фаза од која многу тешко се излегува, а можеби не постои ни желба да се излезе од неа.

Напливот на јавни пари со кои Владата во една декада што заврши пред 4 години успеваше да ја купи наклонетоста на медиумите во земјава направи сериозна дисторзија на пазарот во Македонија. Создаде услови за трка на главните уредници и сопствениците на медиумите по јавните пари, наместо трка на новинарите за квалитет и професионално новинарство.Тоа резултираше со уништени редакции, и копи пејст новинарство кое само се шлепаше на рејтинзите од турските серии и турбо фолк шоу – та. Создаде медиумско – политички брак од интерес, во кој сопружниците се мазат едни со други, како во шпанска сапуница. Страдаше јавниот интерес, слободата на медиумите, новинарскиот професионализам.

Таа неодржлива ситуација, беше привидно пресечена по смената на власта. Секнаа изворите на јавни пари, медиумскиот пазар се релаксираше од секојдневните притисоци. Мејнстрим медиумите пак направија брза промена во уредувачките политики! Сето тоа се рефлектираше делумно во рејтингот на земјава на листата на „Репортери без граници“, со благ раст на уништената позиција од 111 место во 2017 та година до 92 то минатата година. Но, дали тоа беше или е доволно?

Се покажува дека проблемите во земјава се системски.

Прв главен проблем е малиот пазар и огромниот број на медиуми (120 телевизии и радија, неколку дневни весници и околу 200 портали), сите во трка за маркетиншки колач кој не надминува 20 – 25 милиони евра на годишно ниво. Во такви услови тешко може да се зборува за вистинска финансиска независност, а кога таа не постои, тогаш тешко може да се зборува и за независно и објективно новинарство. Зависноста од политичките и бизнис центрите на моќ останува да биде двигател на пазарот, со тенденција на политичките фактори, а најчесто и од дел од самите медиуми, за враќање на државните пари во медиумската сфера. Тие и сега не се малку. Преку изборите, ковид/програмите и ослободените концесии државата “ослободи” околу 6 милиони евра за медиумите лани. Ако сегашната новинарска гарнитура сака да остави зад нас наследство за идните генерации на новинари ќе треба да поработи уште малку посилно, да создаде амбиент во кој пазарот и гледачите ќе одлучуваат за квалитетот.

Најголем дел од редакциите на мејн-стрим медиумите не направија суштински промени во својата работа, држејќи се до традиционалниот систем на телевизиско или пишано новинарство, следејќи го наследениот неквалитет во програмата. Некои и натаму се умилкуваат до политичките и бизнис центри кои ја диктираат медиумската сцена, а „освоената“ слобода ја користат и за уценувачко новинарство – сето тоа под парадигма на истата наследена мантра, да не се раскине тој свингерски брак на политиката бизнисот и медиумите.

Вистински и брзо, од друга страна може да се креира квалитет во јавниот телевизиски и радиски сервис. Од таму можат да почнат квалитативни промени за подигање на професионалните стандарди, како услов за создавање на идната генерација новинари, што ќе ги следи светските трендови во содржини зад кои стои единствено јавниот интерес и граѓаните.

Слободата тешко се стекнува, но следејќи го балканскиот приод кон нештата, може многу лесно да се изгуби. Оваа мисла нека остане запишана како водилка во главите на вистинските професионалци во Македонија, за да не се случи, по принципот два чекори напред, три во рикверц, да се вратиме назад од каде дојдовме.

 

Младен Чадиковски е претседател на Здружението на новинар на Македонија (ЗНМ), долгогодишен новинар со професионално искуство во покривање на теми од економијата и политиката.