Причини има многу: порастот на цените, неизвесноста околу снабдувањето со електрична енергија и природен гас, животниот стандард, (пре)задолженоста на државата, здравствената криза…

 Мирче Јовановски

Од помислата што не очекува претстојната зима, уште сега во екот на летото, многумина „ги лазат морници“.

Причини за тоа има многу: порастот на цените, неизвесноста околу снабдувањето со електрична енергија и природен гас, животниот стандард, (пре)задолженоста на државата, здравствената криза… Згора на се, политичката состојба е на точка на вриење, најмногу поради дилемата дали да се влезе во пристапни преговори со ЕУ под условите предвидени во Преговарачката рамка, кои го поделија општеството и целосно го преокупираа вниманието на Владата.

Се на се, премногу шокови за кревка економија како што е македонската.

Прашањето е дали ќе има сила да се справи со таквите предизвици.

Од Владата уверуваат дека работите се под контрола – претстојната зима не се очекуваат рестрикции во снабдувањето со електрична енергија, а ветуваат и непречено централно греење за 60 илјади домаќинства во Скопје.

Од друга страна, од Стопанската комора на Северна Македонија, алармираат дека најголем проблем е токму цената на електричната енергија – поради недоволно домашно производство, компаниите струјата се принудени да ја плаќат и по 500 евра за мегават час, наспроти просечната цена во повеќето земји на Западен Балкан која е 60 – 80 евра.

Од Македонската енергетска асоцијација се сомневаат дека состојбите во државната ЕСМ, кадровски, технички и логистички се такви да може да се реши проблемот со снабдување на струја. А, ако крахираат фирмите, тогаш последиците врз целата држава ќе бидат несогледливи.

Слично е и со снабдувањето со гас кое е обезбедено до крајот на годинава преку единствената врска – гасоводот преку Бугарија, но дилемата е што доколку Русија да ги затвори вентилите? Излезна опција е снабдувањето од други извори, по пуштањето на интерконекторот меѓу Бугарија и Грција, а во очекување на иста таква врска меѓу Македонија и Грција, за која се уште не е објавен тендер.

Многу од компаниите се ориентираа кон фотоволтаици со цел колку – толку да ја намалат зависноста од слободниот пазар, но нивните инвестиции се заглавени со административни процедури и добивање соодветни дозволи. Неофицијално, станува збор за инсталирани 200 мегавати фотоволтаици, речиси колку еден блок на РЕК „Битола“ (вкупно ги има три), најголемиот енергетски капацитет во земјава.

А, есента, а потоа и зимата, се се поблиску.

Прашање е колку ќе бидат доволни 76 милиони евра за помош на компаниите и на граѓаните предвидени во ребалансот на Буџетот. Најголем дел од мерките се очекува да бидат активни на почетокот на четвртиот квартал од годинава. За многумина за кои што се наменети, можеби тоа ќе биде предоцна.

Енергијата не е единствениот проблем.

Инфлацијата во јуни се искачи на 14,5 отсто на годишно ниво, а само за еден месец беше поголема за 2,8 отсто, што е многу за земја која со години одржуваше стапка од 1-2 отсто. Ваквиот пораст на трошоците за живот го „изеде“ и растот на платите. Иако просечната нето плата во април достигна 31.525 денари (за 10,9 отсто повисока од истиот месец лани), во корелација со инфлацијата (во април 10,5 отсто), излегува дека реалниот раст на примањата бил 0,3 отсто. Овие соодноси сигурно ќе бидат полоши кога ќе излезат наредните податоци.

Растот на економијата не се одвива со посакуваното темпо – во првиот квартал годинава БДП порасна за 2,4 отсто, една од најмалите стапки кај земјите од регионот. Рано е за проценки до крајот на годинава, но најновата прогноза на Виенскиот институт за меѓународни економски студии навестува мрачна состојба – според нивните летни прогнози, македонскиот БДП годинава ќе се зголеми за само еден отсто, а инфлацијата ќе изнесува 11,9 отсто.

А, тоа веќе наликува на стагфлација, состојба од која на секој економист му се крева косата на главата.

 

Мирче Јовановски, уредник на порталот Независни