Без разлика дали се работи за говорот во Сребреница или за таблите во Морињ, минатото се користи за моментална политичка добивка. И тоа за мнозинството е очигледно, но и прифатливо.

Милош Вукановиќ

Во одредена мера е разбирливо неразбирањето на термините и на процесите на транзициската правда, соочувањето со минатото и изградбата на култура на сеќавање кај пошироката популација. Од перспектива на граѓаните, се работеше за уште еден комплексен процес кој се занимаваше со не толку пријатни нешта, а не носеше очигледна корист. Имајќи го тоа предвид, се стекнаа два впечатока.

Првиот е дека постоеше, ако не поддршка, тогаш прифаќање во општеството дека таков процес е потребен. Вториот е дека односот кон изградбата на култура на сеќавање во изминатите две децении во Црна Гора во суштина беше апатичен. Да, постоеја критики од страна на граѓанскиот сектор и од експертите во врска со фасадната злоупотреба на овој процес што го спроведуваше поранешната власт, меѓутоа реакциите на јавноста генерално изостанаа.

Денеска е очигледно дека не било сè толку едноставно. Јавноста можеби не беше јасна и гласна во давањето поддршка или во противењето, но од перспектива на 2022 година, нешто друго е очигледно; постоеше отпор, значаен отпор. Не оној директниот кој го спроведуваше тогашната власт, пред сè преку опструирање на судските процеси за воени злосторства, туку внатрешен, сеприсутен и континуиран.

Отпорот кон соочувањето со грешките од сопственото минато им овозможи, ако на државните, така и на локалните власти да опструираат создавање на адекватни учебници, поставување на спомен обележја, но и ја затапуваше острицата на критиката. Објективно, ѝ овозможи и на власта да ја спроведе веќе споменатата опструкција на судските процеси.

Да нема забуни, се работи за меѓузависен процес. Власта го користеше недостигот на волја во општеството за согледување на сопствената одговорност, а општеството – недостигот на волја на власта да ја открие својата одговорност на светлоста на денот.

Сите предупредувања од граѓанскиот сектор дека ваквиот пристап на властите ќе има контраефект, како за државата, така и за нив самите, не дадоа резултати. Власта е сменета, нејзините грешки од минатото се употребени против неа, дури и од страна на оние кои сметаат дека тоа не ни биле грешки, а темите од минатото повторно, одново и одново се ставаат на дневен ред.

Денеска во Црна Гора соочувањето со минатото и изградбата на култура на сеќавања се политичко оружје. И тоа е најочигледната последица од катастрофалниот дводецениски пристап, но и синдром на општеството кое го изгубило трпението, а со самото тоа и сопствената фасада на самонаметната учтивост.

Без разлика дали се работи за говорот во Сребреница или за таблите во Морињ, минатото се користи за моментална политичка добивка. И тоа за мнозинството е очигледно, но и прифатливо.

А отпорот и понатаму трае, меѓутоа сега директно и јавно. Дали е тоа преку ставовите искажани во парламентот дека сите Срби мислат дека Ратко Младиќ е херој, или преку неизречениот став дека Црногорците сепак сносат најголема одговорност за Дубровник, нивото на критички став кон сопствената одговорност е на инфантилен степен, а агресивноста на загубата на општествена самоконтрола ескалира.

Секако дека секоја дијагноза на моменталната состојба ќе ја вклучи поранешната власт и дводецениската лоша политика во одност на прашањето околу транзициската правда. Без соочување со тој факт, тоа не е комплетна приказна. Во својот занес во акумулацијата на капитал, поранешната власт, пред сè, им угодуваше на ниските побуди на општеството, односно не навлегуваше предлабоко во она што јавноста го смета за чувствително. А чувствително е еуфемизам за сопствените грешки, екстреми и, на крајот, злосторства.

Соочувањето со минатото е процес кој црногорското општество никогаш не го посакуваше, а денеска не го сака. Неподносливите манифестации на овој процес на денешната политичка сцена се последица на дводецениски манипулации, на фасаден пристап, но и на сопствениот малиген отпор кој со гордост го носи моменталното парламентарно мнозинство.

А кога овој процес ќе влезе во регуларните текови? Погрешно е да се каже: кога ќе биде деполитизиран, затоа што секој општествен процес води некаква политика. Ќе влезе кога примарните постулати на оваа постапка ќе ја обликуваат политиката, а за тоа сепак е потребна политичка организација, но и граѓани кои ќе го разберат.

 

Милош Вукановиќ е историчар, се занимава со изучување на контроверзни теми од 20-тиот век