Црна Гора не е на добар пат. Нашите политичари во овој период не направија ништо да ја искористат отворената можност. То ест, направија – ѝ ветија на ЕУ решавање на клучните прашања и, секако, тоа ветување не го исполнија.

Милица Ковачевиќ

Кога во 2014 година стана јасно дека во наредниот петогодишен мандат на Европската комисија (ЕК) нема да има проширување на Европската унија (ЕУ), започнат беше Берлинскиот процес (БП), платформа која, на високо ниво, ги собра земјите од Западен Балкан (ЗБ) и неколку држави од ЕУ, на чело со Германија.

Како клучни цели на оваа иницијатива прокламирани се решавање на отворените билатерални и внатрешни прашања, постигнување на помирување во и меѓу општествата, јакнење на регионалната економска соработка и поставување темели за одржив раст. Тие, секако, би се остварувале со почитување на европските стандарди и напредок во нивното усвојување во сите земји од регионот.

За нас кои подетално ги следевме односите во ЕУ и нивото на реформи во поединечни земји, се случи нешто што всушност и се очекуваше – добивме своевидна втора лига на ЕУ во која, како и обично во спортот, се подготвуваат оние кои сакаат да влезат во највисокиот ранг, а за тоа немаат квалитет.

Иако е потребен многу повеќе простор за објективно и детално да се согледаат дострелите на оваа иницијатива од 2014 до 2020 година, а имајќи ги предвид и конкретните, и важните резултати кои се остварени, се чини дека, сепак, нејзиниот најзначаен ефект бил доминанто симболичен – за проевропските сили во земјите од ЗБ беше важно да постои, макар и ваква порака дека ЕУ не се откажува од ЗБ.

Осмиот самит на Берлинскиот процес најавен за 3 ноември 2022 година во Берлин, ЗБ го дочекува со сосема поинакви пораки од страна на ЕУ. Поранешното „нема да има проширување“ сега гласи: „сработете ги вашите задачи и добредојдени сте во ЕУ“.

Причините за оваа промена доминантно можеме да ги бараме во (гео)политиката, односите меѓу членките и нивото на квалитет на работата на ЕУ, која во меѓувреме надмина барем некои од своите кризи, а многу помалку во исполнувањето на критериумите за членство на земјите во ЕУ. Бидејќи сите сериозни познавачи на состојбите во земјите се согласни дека владеењето на правото, економијата, демократијата и човековите права во земјите од регионот се, во најдобар случај, на исто ниво.

Агресијата на Русија врз Украина е клучниот фактор за промена на ставот на ЕУ. Унијата конечно сфати дека ако ЗБ нема европска, набрзо ќе има руска, кинеска, турска или некоја четврта перспектива.

Во меѓувреме се појави и иницијативата Отворен Балкан (ОБ) која во многу нешта е слична на БП. Не е баш сосема јасно што е неговата суштинска функција, по што се разликува од досегашните иницијативи, освен што ја јакне политичката оска Вучиќ – Рама. Всушност, ОБ би бил зонска лига во која стандардите на игра не се ниту на ниво на втората лига. Во зонските лиги најчесто важи правилото на посилниот, судиите понекогаш добиваат и ќотек, а не е ретка појава и да проработат дланките или некаков друг реквизит за комуникација со противниците.

Новата прилика за земјите од ЗБ е и нова прилика за БП. Тој, вака сфатен, е мошне важен, и може да даде значаен придонес за развој на регионот.

Останува да се види како таа прилика ќе ја искористи ЗБ. Црна Гора не е на добар пат. Ние сме мајстори за пропуштени можности, па не зачудува што оптимистичките изјави на претставниците на ЕУ од март и април веќе во септември звучат значајно поинаку. Така и треба, бидејќи нашите политичари во овој период не направија ништо да ја искористат отворената можност. То ест, направија – ѝ ветија на ЕУ решавање на клучните прашања и, секако, тоа ветување не го исполнија. Значи, ништо ново ниту во единаесеттата година од нашите преговори.

 

Милица Ковачевиќ, програмска директорка на Центарот за демократска транзиција