Ретко кому му паѓа на памет дека во Црна Гора воените злосторства не се решени, од соочувањето со минатото нема ништо, институциите се заробени, има недоволно медиумска слобода, родовата рамноправност е одвај жива, дискриминацијата на ранливите групи и понатаму е присутна, владеењето на правото – недостижен сон.

Милена Перовиќ

Мир, толеранција, помирување. Омилените зборови на црногорските политичари. На поранешните и на оние сегашните, сеедно. Додека општеството тоне во поделби. Кога ги слушаш, ќе помислиш дека Европа, особено оваа загрижената поради јакнењето на радикалната десница, можеби би требало да побара прием кај нас. Никому не би му паднало на памет, додека зборуваат, дека ние, всушност, со децении чекаме зелено светло за прием во ЕУ, со истите предупредувања: нерешени воени злосторства, од соочувањето со минатото ништо, институциите заробени, недоволно медиумска слобода, родовата рамноправност одвај жива, дискриминацијата на ранливите групи и понатаму присутна, владеењето на правото – недостижен сон.

Но, зборовите сепак издаваат. Без оглед на извежбаните политички говори наспроти приликите и со свест за она што го бара Европа од нив, суштината не успева да се скрие. Понекогаш избива во еден збор. Како во реакциите на политичарите по неодамнешниот инцидент на Цетиње, кога сѐ уште непознати момчиња каменувале автобус со деца од Никшиќ кои претходно пред Цетињскиот манастир пееле Весели се српски роде. Пред каменувањето, момчињата им порачале да ја пеат таа песна во Србија.

Наместо инцидентот да се осуди на начин што значи осуда на говорот на омраза и ширењето на национална нетрпеливост, реакциите на инцидентот дополнително ги поттикнаа националните тензии и поделби. Злоупотребувајќи ги децата по којзнае кој пат. И покажувајќи ја длабочината на проблемот во кој се наоѓа црногорското општество.

Марко Ковачевиќ, градоначалникот на Никшиќ, инаку претставник на Демократскиот фронт, кој се смета за овдешна десница, констатира дека Цетиње „фашизирано и контаминирано“, и ги повика надлежните да откријат кој го каменувал автобусот со „нашите деца“. Во спротивно, порача, „тоа ќе го направат самите жители на Никшиќ“. Му возврати градоначалникот на Цетиње, Никола Ѓурашковиќ, од редовите на Социјалдемократската партија, која се смета за граѓанска партија. Речникот, сепак, не беше на тој фон. „Искрено ве повикувам да не ги користите децата за своите националистички цели…, провоцирајќи го Цетиње и жителите на Цетиње“, порача, додавајќи: „Со желба грдите провокации и непријатности кои некој ги осетил и доживеал да бидат зад нас – ве поздравувам со зборовите на светиот владика Петар I, дека ‘пријателот може да стигне до Цетиње пеш за три часа, непријателот никогаш‚“. Сѐ на сѐ: наши деца, наши непријатели и туѓи фашисти. Сопствените не ги препознава никој.

Интересно е дека и од редовите на граѓански профилираните партии и цивилните организации стигнаа оцени дека децата кои го посетиле Цетињскиот манастир биле „злоупотребени“. Дали е така навистина? Во согласност со Уставот и со домашното законодавство, детето има право слободно да го изрази своето мислење и да ужива сопствена слобода на вероисповед. Законот бара дете од 12 години да мора да биде прашано дали е согласно да биде вклучено во верска поука. Тоа што децата се наоѓале пред Цетињскиот манастир само по себе не е доволно за заклучок дека се злоупотребени.

Според истражувањата на Центарот за граѓанско образование, во Црна Гора, токму како и во регионот, постои растечки тренд младите сѐ повеќе да се вртат кон религијата. Но, паралелно со тоа, постојат истражувања кои покажуваат дека младите во Црна Гора немаат соодветен степен на толеранција и трпеливост кон поинаквите од нив. Најголем број од нив не може да замисли пријателство со Роми, или со хомосексуалци. Малку подобро стојат останатите малцинства. Истражувањето кое го правеше Форум Мне во врска со отпорноста на младите на екстремни и радикални однесувања покажа дека анкетираните православци од одредени црногорски средини не се во состојба да идентификуваат каков било вид на екстремно однесување кај припадниците на нивната конфесија.

Исто како ни нивните политички претставници.

 

Милена Перовиќ е новинарка, директорка на неделникот „Монитор“