Минатата година, лично започнав неколку иницијативи и ги мотивирав хотелиерите и агентите да го искористат периодот на мирување за да го подготват и подобрат својот дигитален маркетинг.

Милан Стојковиќ

Туристичкиот сектор е меѓу оние индустрии кои, без сомнение, се најпогодени од пандемијата Ковид-19. Многу компании беа затворени, луѓето останаа без работа, семејствата ги изгубија редовните приходи.

Добро е познат мултипликативниот ефект на туризмот во економијата, односно појавата дека секое евро заработено од туризам се шири понатаму низ дестинацијата преку други активности, па оттука е логично што  падот на туризмот го почувствуваа и другите гранки, комплементарни на туризмот.

Пандемијата најмногу го погоди секторот на меѓународни и деловни патувања, а потоа градскиот и МИЦЕ туризмот (Meetings, Incentives, Conferences and Events) Сепак, од друга страна, се случи експанзија на домашниот туризам, пред сѐ во однос на руралните дестинации.

Минатата година, Светската туристичка организација и другите релевантни институции објавија статистика за рекордниот пад на туристичкиот промет, споредувајќи го обемот на глобалниот туризам со оној од 1950-тите. Бидејќи се занимавам со дигитален маркетинг, редовно го следев нивото на побарувачка и повеќепати се уверив во големиот пад во пребарувањата на Гугл за хотели и патувања.

Пандемијата затвори многу објекти и туристички агенции, некои привремено, а некои, за жал, трајно. Сепак, многумина успеаја да го поминат најтешкиот период. Домашните туристички агенции повторно се обидуваа да најдат нови дестинации што би можеле да бидат безбедни и истовремено интересни за патниците, па така, Албанија доживеа вистински бум, а Турција и Египет беа актуелни во неколку наврати. Многу агенции се свртија и кон излетничкиот и домашниот туризам.

За среќа, на почетокот на оваа година вакцинирањето беше сѐ поприсутно и сите ние од туризмот потајно се надевавме на закрепнување. Ситуацијата е значително подобра оваа . Иако сè уште е далеку од нивото на кое бевме, убаво е повторно да се видат луѓе кои ја работат работата што ја сакаат.

Туризмот се враќа. Во Европа, земјите полека се отвораат за странски туристи. Шпанија и Италија ги отворија своите крајбрежни дестинации, додека за посета на нивните градови ќе мораме да почекаме уште малку. Европската унија даде зелено светло за туристите од САД, авио-линиите се враќаат, а полека се реализираат и разни деловни, но и спортско-забавни настани.

Минатата година, лично започнав неколку иницијативи и ги мотивирав хотелиерите и агентите да го искористат периодот на мирување за да го подготват и подобрат својот дигитален маркетинг. Направивме голем број бесплатни обуки преку Интернет. Беше вистинско време конечно да се исправат грешките, да се напишат неколку текстови, да ги средиме сметките на социјалните мрежи. Оние што го сторија тоа денес имаат голема предност во однос на другите затоа што туристите ќе го користат интернетот уште повеќе во пост-ковид периодот за да најдат информации и да резервираат патувања.

Дигиталниот маркетинг сè уште е најефикасен, најевтин, но исто така и најбрз начин да стигнете до туристи и гости. Често се случува да ме ангажираат клиенти на кои итно им е потребен промет и заработка, и да го постигнеме тоа за неколку недели.

Она што ќе остане како последица на пандемијата уште некое време е скратениот период пред резервацијата. Пазарот е сè уште бурен, некои граници се отвораат, некои се затвораат, некои нови мерки се усвојуваат, а некои се укинуваат, и затоа туристите нема да резервираат патувања една година однапред, туку ќе чекаат до последната минута пред да се пријават за да го намалат својот ризик. Затоа е важно да се најдете на изворот на побарувачката во тоа време, а тоа се Google, YouTube и социјалните мрежи. Предност ќе имаат оние хотели и аранжмани кои нудат бесплатно откажување до неколку дена пред патувањето.

Многу експерти минатата година предвидуваа „the new normal“ во туризмот, дека никогаш повеќе нема да можеме да патуваме на ист начин, но оваа година предвидувањата се сосема различни и фразата повеќе не се споменува. Постојат сите шанси да имаме само враќање во „normal“ и сите се надеваме на тоа!

 

Милан Стојковиќ, основач на Е-туризам консалтинг