Дали овие луѓе доволно се познаат, дали тие силни емоции се базирани на лични искуства или се рефлексија на: дневнополитичкиот наратив, историските случувања или како дел на медиумското претставување на другите?

Д-р Методија Стојчески

 Ако го собереме бројот на жители на сите земји од регионот во целост би добиле бројка од околу 42,3 милиони жители, население кое е мултинационално, мулти-конфесионално и распослано на релативно голема територија. Но тоа што е нај важно, со силни меѓусебни емотивни врски, од силни симпатии до силна омраза. Но, да се мрази е едноставно кога ги немате никакви познавања за другата страна.

Дали овие луѓе доволно се познаат, дали тие силни емоции се базирани на лични искуства или се рефлексија на: дневнополитичкиот наратив, историските случувања или како дел на медиумското претставување на другите?

Пред да донесам заклучок би сакал да споделам со вас дел од личните искуства што ги стекнав учествувајќи во тимот кој што повеќе од една година ја имплементира иницијативата за основање на билатерални канцеларии за младинска соработка помеѓу Република Северна Македонија и Грција.

На самиот почеток на иницијативата спроведовме истражување за да ги дознаеме перцепциите на младите од двете страни на границата едни за други. Со истражувањето беа опфатени млади (16-29 години).

Од мноштвото добиени информации во оваа прилика би сакал слободно да ви ги интерпретирам следниве:

Скоро 60% од младите Грци опфатени со истражувањето никогаш не патувале во соседната држава. Додека пак скоро 85% од младите од Република Северна Македонија ја имаат посетено Грција.

Од младите кои што ја посетиле соседната држава, незначителен е бројот на тие што можат да кажат дека познаваат некого или имаат пријатели во соседството а уште е помал бројот на тие што ги познаваат реалните потреби и животните прилики на младите од соседната држава. Најчесто младите од Грција само на пропатување кој некоја друга држава од регионот имале прилика да ја поминат северната граница, додека младите од нашата држава Грција е само дестинација за летен одмор и шопинг.

Она што посебно ме радува е дека перцепциите за кај младите за соработка  после потпишувањето на Преспанскиот договор се значително изменети на подобро, недостигаат само алатки за реализација на соработката.

Можам слободно да заклучам дека, младите од двете држави не се познаваат меѓу себе, развиваат емоции за другите базирано на информациите што им се пласирани во општествата во кои што живеат. Неопходна е потребата од создавање на платформа за комуникација и запознавање на младите соседи.

За жал или за среќа, зависи, реалните прилики не наликуваат на видео игрите во кој се заробени нашите млади притиснати измеѓу on-line наставата и полицискиот час, па да можеме со еден клик нашите држави да ги пренесеме во некој друг регион од Европа имајќи привилегија да ги бираме соседите.   Ние сме тука, едни до други и едни покрај други и мора да градиме одржливи меѓусебни релации градени врз взаемно познавање. Општествата во регионот се поврзани и функционираат како сврзани садови, добрите и лошите нешта можат многу лесно да преминат од едно во друго општество. Без стабилно опкружување не е можен просперитет на ниту една држава без разлика на тоа дали е членка на ЕУ или е само претендент за тоа.

Политичарите од регионот, мора да соберат повеќе храброст и за напредокот на целиот регион што побрзо да прифатат компромиси, помирување и градење на заедничка иднина. Барем еднаш да бидеме како регион на време да го престретнеме  и да се спротивставиме на цртањето на нови политички мапи од страна на други актери.

 

Д-р Методија Стојчески, извршен директор на Младински Сојуз – Крушево