И Јанкулоски и Пановски се херои во ова време-невреме во Македонија. Двајцата имаат различен но целта им доаѓа од душата – да им се помогне на луѓето во неволја и да им се даде позитивна енергија.

Мери Јордановска

Двајцата имаат различен пристап и различна експертиза, но целта им е иста – да им се помогне на луѓето кои со борат со т.н коронска-вештерка, додека во Македонија има по околу 1000 новозаразени дневно, нема доволна количина вакцини, а  болничките капацитети се речиси полни.

Едниот е Денис Јанкулоски, вработен Центарот за јавно здравје. Тој секој ден во последнава година, оди во домовите на луѓето кои се заразени од коронавирусот за да зема брисеви – помина илјадници километри, облечен во скафандер, со маска, визир и со наочари. Во овој период, тој ослабе 16 килограми, а тестираше околу 6 илјади луѓе. Го доби прекарот „Космонаутко“.

Секој ден во последнава година, во 6 часот изутрина, тој на „Фејсбук“ се појавува со песна. Прво им посакува на сите да имаат добар ден, добро здравје, убав почеток на неделата, убав викенд… а потоа почнува музика. Ечат песни на Бајага, ЕКВ, Мишо Ковач, Здравко Чолиќ, Пилоти, Балашевиќ, на стари преубави југословенски хитови. А тој ги знае сите, не промашува ниту еден збор, ги пее докрај, носејќи позитива во корона кризата.

„Кога ги правам видеава не мислам на тоа дали пеењето е ок. На ова гледам како на една забава во време на коронава. Сакам да измамувам насмевки, убаво ми е што многу одвојуваат неколку минути од своето време за да погледнат и се насмевнат. Затоа продолжувам со т.н. пеење до истребување на последното коронче“, вели тој.

Граѓаните ги слушаат Либар, Несаница, Као птица на мом длану,  Никад те нико нече вољет ко ја, Ко ми тебе узе Тамара, Не волим јануар… Секој ден, нова песна, нова позитивна порака, која секогаш завршува со „Гуш и бац“, а потоа се упатува кон домовите на граѓаните кои се борат со Ковид-19.

Кога започна вакцинацијата во Македонија, Јанкулоски доби нова задача – да ги вакцинира граѓаните. А тој не престана да пее. И сега, секое утро, денот го започнува со песна, пред да пристигне во пунктот за вакцинација, но сега наместо со „Гуш и бац“, ги поздравува граѓаните со „Гуш и боц“.

Во меѓувреме, и тој ја прими вакцината против Ковид-19, од себе го симна скафандерот, па сега социјалните мрежи се преполни со фотографии од граѓани кои се вакцинирале на неговиот пункт, па задоволно објавуваат „дека полесно се трпи стравот кога те вакцинира Космонаутко“.

Во меѓувреме, граѓаните се борат со најразлични дилеми околу симптомите на Ковид-19, толкувањето на крвните слики, вакцинацијата… Стравот и паниката наголемо владеат, но тука е

д-р Никола Пановски, професор по микробиологија, кој на социјалните мрежи одговара буквално на секој кој има дилеми околу лекувањето на Ковид-19, вакцинацијата и превентивата.

„Веројатно сум одговорил на над 5000 пораки до сега, сум прочитал над 1000 лабораториски наоди итн., и сè уште можам да издржам, само кога ќе помислам на оние колеги кои работат на интензивна нега во ковид центрите и нивните маски и очила залепени со фластер на лицето, си велам, ова не е ништо“, вели д-р Пановски, додавајќи дека тој е „средината меѓу опозицијата и власта“, кога станува збор за сите недоразбирања околу справувањето со коронавирусот.

И Јанкулоски и Пановски се херои во ова време-невреме во Македонија. Двајцата имаат различен но целта им доаѓа од душата – да им се помогне на луѓето во неволја и да им се даде позитивна енергија, додека „коронската вештерка“ не си замине.

 

Мери Јордановска е новинар во Македонија повеќе од 15 години, аво моментов работи во новинската агенција „Макфакс“ и веб-порталот „А1он“. Добитник е на повеќе награди за истражувачко новинарство.