Загадувањето предизвикано од комуналниот отпад е голем проблем. Во најголем дел од територијата нема инфраструктура за собирање на отпад, а жителите во руралните области, фрлаат ѓубре насекаде, најмногу во потоците и реките.

Ако патувате во Албанија во текот на летото, можеби ќе забележите војници со црвени беретки како собираат лименки и пластични шишиња по националните патишта. Тоа се елитнте сили на Албанската армија, но за време на туристичката сезона, работат како чистачи за да го соберат ѓубрето што го фрлаат луѓето по патиштата. Во други делови, можеби ќе видите групи деца или административни службеници како го прават истото. Ова се очајнички обиди на власта да го исчисти она што „боде очи“, односно видливиот дел од нечистотијата.

Во моментов, загадувањето предизвикано од комуналниот отпад е голем проблем. Во најголем дел од територијата нема инфраструктура за собирање на отпад, а жителите во руралните области, фрлаат ѓубре насекаде, најмногу во потоците и реките. Оттука, течението на водата го пренесува ѓубрето во морето, а морето го враќа назад на брегот. Во текот на овој „процес“, огромни количества ѓубре се пластат во речните корита или на гранките од дрвјата, главно пластични ќеси или текстилен отпад. Ваквата ситуација речиси доведе до „судири“ со соседните земји, Црна Гора и Хрватска, кои повеќепати се жалат дека ѓубре „Made in Albania“ завршило на нивните брегови носено од морските струи.

Дури и собраниот отпад е причина за загриженост; недостасуваат депонии што ги исполнуваат еколошките стандарди, а во многу градови постојат само депонии каде што ѓубрето се фрла во природата или се гори. Ова доведе до вонредна состојба во неколку градови. Проблемот останува нерешен, а владата побрза да изгради печки за согорување, со што поттикна огромна јавна дебата и голем број обвинувања од опозицијата и од медиумите околу корупциски скандали поврзани со овие проекти. Сето ова е спротивно од директивите на ЕУ и на Националната стратегија за управување со отпад, кои ја поставуваат хиерархијата почнувајќи со превенција, повторна употреба, рециклирање, отстранување и согорување како последно средство во хиерархијата за управување со отпад.

Албанија донесе многу добри закони во врска со управувањето со отпад. Но, нивната имплементација заостанува, а овде мора да се додаде и ниската свесност кај граѓаните.  Денеска можете да видите луѓе кои фрлаат ѓубре низ прозорецот од автомобилот без да бидат казнети за тоа.

Индустријата за рециклирање се подобри благодарение на иницијативата на неколку претприемачи, кои никогаш не добија поддршка од ниту една влада. Во Албанија, во ниеден град не се применува одделно собирање на отпадот на самиот извор. Рециклирачите имаат воспоставено сопствени мрежи за собирање на отпад што може да се рециклира и истовремено служат како чистачи во соодветните области. Сепак, паралелно со проектите за изградба на печки за согорување, централната и локалните власти сериозно одвраќаат од рециклирањето со тоа што не им дозволуваат на луѓето, главно припадници на посиромашните заедници, како што се Ромите, да собираат отпад што може да се рециклира. Ова доведе до дополнителен пад во количеството на рециклиран отпад, кое изнесува не повеќе од 10%.

Во моментов, големи количини отпад, како што се хартија, пластика и метал, итн., не се рециклираат, туку се депонираат заедно со органскиот отпад, се носат во печки за согорување или во депонии. Во случаите кога отпадот не се собира, тој се фрла во околината.

Печките за согорување, кои се градат преку формула за соработка со приватни претприемачи позната како ЈПП (јавно приватно партнерство), опозицијата ги смета за проекти за перење пари и за кражба на буџетот. Ова е затоа што ги градат компании регистрирани во други земји, претежно во даночни раеви, но ги контролираат истите луѓе.

Ова се случува.

Ментор Кикиа, новинар и еколошки активист