Прајдовите ќе ни требаат сѐ додека политичките партии, моќниците и власта која сме ја избрале ја опструираат и забрануваат протестната прошетка за правата на маргинализираните.

Матеј Вребац

Мојата прва парада на гордоста се случи во Црна Гора во 2016 година. Иако никогаш нема да го заборавам тој убав ден во Подгорица, исполнет со сончева топлина, една друга поворка ми се втисна во срцето и во сеќавањето на еден поинаков начин. Станува збор, секако, за првата и историска парада на гордоста во БиХ, која се случи во еден еднакво топол септемвриски ден во Сараево во 2019 година.

Првата парада во Босна и Херцеговина мина без инциденти и насилство, за разлика од оние првите регионални во Белград и Загреб пред две децении, но ниту една досега не поминала без контра-протести и редовни изливи на лицемерие од (хомо/би/транс) мразителите и радикалите. Собири на сите оние кои се контра живот со еднакви права и се противат на еднакви можности за сите граѓани/ки. Мислам дека тоа е доволен показател зошто протестите како што е парадата на гордоста постојат во нашите општества и колку се важни. Вечерта пред или по одржувањето на парадата во Подгорица некој фрли солзавец во кафулето каде што се одржуваше забава за ЛГБТИК лица. Никој не беше повреден, забавата продолжи во знак на отпор, но ситуацијата совршено ја оцртува атмосферата на насилство на која укажуваат протестите како парадата. Исто така, не изостанаа вербалните напади и плукањето по улица по истополовите парови во Босна и Херцеговина пред најавата на првата БиХ парада на гордоста, а количеството на насилство кое се случува во домовите, училиштата, на работа и во други институции честопати останува под радарот, незабележано.

Оваа година сараевските улици повторно беа домаќин на БиХ парадата на гордоста, а голем број сограѓани/ки негодуваа, прашувајќи се зошто толкаво затворање на улиците и измени во режимот на сообраќај. Сигурен сум дека е во прашање некаков вид хомофобија, затоа што никогаш толку јавно не се негодува поради затворањето на улиците во текот на филмскиот фестивал, за фудбалски дербија или секакви други манифестации.

Од првата БиХ парада во Сараево во 2019 година малку нешта се променија во пракса на подобро, освен што ЛГБТИК+ лицата и нашите сојузници укажаа на нееднаквиот третман, и тоа што сме овде и бараме еднаков пристап. Потребата за парада во Босна и Херцеговина ќе мора да постои сѐ додека не се усвои и не почне да се применува сетот закони со кои се регулираат истополовите врски, како и многу други прашања кои се однесуваат на статусот на транс и интерполовите лица. Потребата за парада ќе постои и понатаму, сѐ додека не престанат да постојат оние кои се прашуваат: „А што ќе им е тоа, зошто шетаат, што им недостига?“ Прајдовите ќе ни требаат сѐ додека политичките партии, моќниците и власта која сме ја избрале ја опструираат и забрануваат протестната прошетка за правата на маргинализираните. Не се сомневам дека токму од тие причини голем број активисти/ки од регионот во септември ќе шетаат на Еуропрајдот во Белград во знак на поддршка, бидејќи неодамнешните напади од хулигани по белградските улици, говорот на омраза и обидите за забрана ја преминуваат секоја граница. Многумина ќе мораат еден ден да сфатат дека секоја парада претставува покажување отпор кон оние кои систематски ја опресираат секоја група чии права се загрозени, од работниците/чките до лицата кои живеат со инвалидитет, а не само квир заедниците. Не знам уште колку време ќе мине додека не се решат многу прашања, но улиците подеднакво им припаѓаат на сите, исто како што кучињата лаат, а прајдовите си врват.

 

Матеј Вребац, книжевен критичар и преведувач