Чувствувам позитивна енергија во општеството и желба кај луѓето да станат дел од промените што позитивно ќе се одразат на нашето општество. Луѓето сакаат токму тие да бидат дел од промените.

 Марко Милутиновиќ

Во своето опкружување сум се соочувал со многу проблеми и неволји, што е нешто што го обележува животниот пат на секој активист, неврзано за тоа со кое подрачје на активизам се занимава.

Граѓански активизам – сите зборуваат за него, но ретко кој може да објасни што значат овие зборови. Активизмот подразбира подигање на свеста меѓу граѓаните, спроведување кампањи, како и преземање на сите останати акции кои имаат за цел спроведување на социјални промени.

Веќе со години се занимавам со еколошки активизам. Подрачјето на моето дејствување се комуникации и подигање на свеста меѓу граѓаните околу важноста на прашањето за заштита на животната средина и климатските промени. Занимавањето со активизам ми ги отвори видиците и свеста дека уживам во ваквото работење. Сето ова ме доведе до тоа да донесам одлука за промена во кариерата.

Бидејќи дипломирав на Правниот факултет при Универзитетот во Белград, требаше да му се посветам на работењето на подрачјето на меѓународното право. Меѓутоа, благодарение на повеќегодишната работа како активист и волонтер, сфатив дека постојат други нешта кои ми го држат вниманието и во кои уживам. Сето ова ме наведе на тоа да ја напуштам својата првична идеја и да се посветам на работата во комуникацискиот сектор со цел подигање на свеста околу еколошките прашања и вредностите на Европската Унија.

За сега сум сигурен дека сето ова звучи одлично, но дали секогаш беше така? Многу краткиот и искрен одговор е НЕ. Во своето опкружување сум се соочувал со многу проблеми и неволји, што е нешто што го обележува животниот пат на секој активист, неврзано за тоа со кое подрачје на активизам се занимава. Многу често доживував омаловажувања, потсмеви и критики, но не обвинувам, ниту се лутам некому поради тоа. Повеќето луѓе не го правеа тоа од некаква претерано зла намера (иако имаше и такви случаи), туку поради отсуство на разбирање и свест за тоа што работам и каде сум нашол баш јас да се правам паметен. Наместо како „целиот нормален свет“ да одам во адвокатура, јас сум тргнал да зборувам за климатски промени, зелена агенда, рециклирање, циркуларна економија и така натаму.

Во надеж дека можеби ќе помогнам барем на една личност која ќе наиде на овој текст, морам да признаам нешто: кога се наоѓам во ситуација да работам нешто што го сакам и во што длабоко верувам, ме краси своевидна тврдоглавост и нашиот традиционален инает. Така, сите овие негативни коментари кои ги добивав го зацврстија моето убедување уште повеќе, поинтензивно и посилно да се посветам на остварувањето на своите цели, односно на подигнувањето на свеста меѓу нашите сограѓани.

Можеби се прашувате дали мојот труд вроди со плод. Повторно ќе ви дадам едноставен и краток одговор – ДА. Во текот на сите овие години работа, луѓето почнаа да ја увидиваат важноста не само на прашањата на кои им е посветен мојот активизам, туку и на прашањето за активизмот воопшто. Многу од оние луѓе што ме критикуваа, сега ме поддржуваат.

Само од примерот на организирања и учества на разни настани, тркалезни маси, кампањи и акции од изминатата година можам да оценам дека значаен број на луѓе започнале активно да се занимаваат со еколошки активизам во овој период. По настанот кој го организирав, а кој имаше цел да му го приближи на обичниот граѓанин поимот за циркуларна економија, луѓето ми се јавуваа со различни прашања околу тоа како можат да ја применат циркуларната економија во нивното опкружување. Слични искуства имав и кога учествував во регионалната кампања која го промовираше правото на граѓаните на чист воздух. Тогаш добивав прашања и повици да им помогнам на нашите сограѓани кои беа заинтересирани како можат тие лично да придонесат за намалување на загадувањето на воздухот присутно кај нас. Заедно со овие луѓе планирам да спроведам разни проекти во наредниот период.

Чувствувам позитивна енергија во општеството и желба кај луѓето да станат дел од промените што позитивно ќе се одразат на нашето општество. Луѓето сакаат токму тие да бидат дел од промените. Сето ова во мене буди неверојатна надеж и среќа дека сме во состојба да создадеме општество и средина на која ќе бидеме горди, и ќе запловиме на крилјата на заедничката работа во подобра, позелена и посреќна иднина!

 

Марко Милутиновиќ, млад Европски амбасадор за Западен Балкан и амбасадор на Европскиот климатски пакт