Да се соочите со губење на работата е многу тешко и стресно, особено кога живеете во средина каде што има мали шанси да најдете нова работа. Тогаш се развиваат најголемите стравови од егзистенцијална природа и најчестото прашање што си го поставувате е – што понатаму?

 Марина Туцовиќ

На почетокот на 90-тите, кога завршив факултет, мислев дека ќе се вработам по струка и ќе го поминам работниот век во некоја од компаниите во текстилната индустрија. Меѓутоа, како што обично се случува во животот, плановите се едно, а реалноста е друго.

Во периодот на транзиција имаше масовни затворања на текстилни компании, вклучувајќи ја и фирмата каде што работев, така што после 15 години работење останав без работа. Да се соочите со губење на работата е многу тешко и стресно, особено кога живеете во средина каде што има мали шанси да најдете нова работа. Тогаш се развиваат најголемите стравови од егзистенцијална природа и најчестото прашање што си го поставувате е – што понатаму? По повеќе обиди да работам за приватници и големите разочарувања што ја следеа таа работа, добив покана од претседателката на управниот одбор на Женскиот центар на Ужице, Радмила Гујаничиќ, да се приклучам на нивниот тим за економско зајакнување на жените од ранливите групи. Мојата задача во тој тим, со оглед на работното искуство и професијата, беше да осмислам програма за економско зајакнување на жените кои не се конкурентни на пазарот на трудот. Така се роди идејата за програма за собирање и рециклирање текстил. Сега, со временска дистанца од 11 години, колку што ја развивам оваа програма, можам да кажам дека овој повик ми го промени животот. На почетокот тоа беше само идеја без никаква инфраструктура за реализација (простор, средства, луѓе и сѐ останато што е потребно за развој на еден бизнис), гледано од финансиски аспект, целосно неодржливо. Но, за мене тоа беше голем професионален предизвик и можност што не сакав да ја пропуштам. Кога се занимавате со солидарна економија во Србија и развивате програма која е иновативна, а во исто време им помагате на други жени во слична ситуација, тогаш нема откажување, предизвиците веќе не се сопирачка, туку поттик постојано да се оди напред. Во првите години од работата на развој на програмата, за себе често велев дека сум претприемач во обид. Првите награди и признанија, но и довербата и поддршката на тимот во тешките моменти, се најдобри показатели дека правите нешто добро не само за себе, туку и за другите.

Денеска Ретекс е препознатлив во регионот, работиме како солидарно претпријатие кое се занимава со примарна селекција на отпаден текстил, апциклажа (произведуваме платнени торби, вреќи, детски играчки и многу други производи од отпаден текстил), донирање употреблив текстил на социјално загрозени лица (280 семејства кај нас се снабдуваат со половна облека и друг текстил за домаќинството) и ја развиваме инфраструктурата за производство на рециклирани текстилни влакна. Во Ретекс работат 5 жени од ранливи групи (жени со попреченост, жени жртви на семејно насилство и самохрани мајки), во оваа програма досега се ангажирани над 20 жени, од кои две жени се стекнаа со право на инвалидска пензија, што за нашиот мал тим претставува голем успех.

Мојата нова цел е да започнеме со производство на рециклирани текстилни влакна и на тој начин да го комплетираме целиот концепт за згрижување на отпадниот текстил, како и да вработиме повеќе жени од ранливи групи.

 

Марина Туцовиќ, Женски центар Ужице, менаџер на програмата за собирање и рециклирање текстил