Како може да биде во ред некој кој сексуално напаствувал дете да отслужи затворска казна од неколку месеци, или практично да не стапне во затвор? Во Црна Гора имало и такви случаи.

Кристина Михаиловиќ

Кој било облик на сексуално злоставување, а особено обљуба на деца, во Црна Гора предизвикува ретко единствена реакција кај родителите и, главно, ист предлог – доживотна робија за оној за кого ќе се докаже дека правел такво нешто. Ваквите ставови и предлози не се слушаат, или барем не во онаа мера за да бидат усвоени, бидејќи до сега носителите на одлуки за тоа не сакаа ни да размислуваат.

Заштитата на децата од обљуба е тема на која ѝ се пристапува површно и најчесто се презема малку. Кога ќе се појави некој случај, без разлика дали е во земјата или во регионот, како деновиве, тогаш за тоа се зборува некое време, но сѐ брзо стивнува.

Во Црна Гора, покажуваат податоците, нема многу случаи на сексуално злоставување, но тоа не е реалната состојба, бидејќи знаеме дека на еден пријавен случај има и до 20 непријавени. Податоците објавени во Анализа на казнената политика на црногорските судови во предметите за сексуално насилство над малолетни лица, а се однесуваат на периодот од почетокот на 2013 година до март 2018 година, покажуваат дека меѓу осудените имало 35 мажи, додека во еден предмет е осудена една жена. Девојчиња до 14 години и малолетни девојчиња биле најчестите жртви на педофилија во Црна Гора. Меѓу осудените има и двајца просветни работници во пензија.

Многу е јасно што треба и што мора да се направи за децата да бидат заштитени. Малите казни од три или од пет години не се адекватни за вакви дела, а уште помалку е прифатливо пресудите да одат и под тој законски минимум. Нема олеснителни околности во вакви случаи! Како може за некого да биде олеснителна околност тоа што е семеен човек кој има деца и никогаш не бил осудуван? Токму тоа би требало да биде отежителна околност. Како може да биде во ред некој кој сексуално напаствувал дете да отслужи затворска казна од неколку месеци, или практично да не стапне во затвор? А имало и такви случаи.

Здружението на Родители доби ветување од Министерството за правда дека со најавените измени во Кривичниот закон ќе бидат зголемени казните за овие дела, но не и дека ќе биде воведена доживотна робија. Објаснувањето дека тоа не е во согласност со обврските и очекувањата на патот кон ЕУ не држи вода, бидејќи и во ЕУ има земји кои имаат таков вид казна. Затоа нема да се откажеме од нашето барање, заедно со уште еден предлог – да се изменат нормите кои дефинираат олеснувачки околности во овие случаи. Секако е јасно дека сегашната блага казнена политика и пракса не се доволно силно предупредување за извршителите на овие кривични дела. И овде не е крајот на приказната. Има уште доста работа и во врска со регистарот и со третманот на извршителите, со обуката на судиите, но се знае што е најважното.

Улогата на родителите е многу значајна и важно е да се работи на нивната информираност. Мораме да разговараме со децата, да им бидеме лица од доверба, оние на кои секогаш можат да им се обратат, кои од мали нозе ќе им објаснат што е во ред, а што никој не смее ниту да им зборува, ниту да им прави. Мораме да ги учиме на безбедно однесување во реалниот и во онлајн светот… Случајот Алексиќ од Србија и нас нѐ натера да се запрашаме – кој во Црна Гора ја контролира работата на разните понудители на воннаставни содржини за деца и кој работи со тие деца. НИКОЈ, колку што знаеме, и токму тоа мораме да го промениме.

 

Кристина Михаиловиќ е извршна директорка на НВО Родители од Подгорица.