Институтот за јавно здравје (ИЗЈ) за тестирање на примероци во лабораторија во Германија потрошил 240 илјади евра, што било доволно за набавка на неопходната опрема за значително зголемување на капацитетите за тестирање на вирусот во Црна Гора и за опремување на уште најмалку две лаборатории.

Пишува: Д-р Милена Поповиќ Самарџиќ

Во моментот на пишување на овој текст (понеделник, 16 ноември) во Црна гора има 9.516 потврдени активни случаи. Вкупниот број на потврдени заболени од ковид од почетокот на пандемијата изнесува 27.773, а бројот на починати од ковид изнесува 396 . Велам потврдени случаи, затоа што не се тестираат сите членови на семејството. Честопати не се тестираат ниту оние што имаат благи симптоми. Кога на тоа ќе се додадат и контактите, вкупниот број на заразени веројатно надминува и 100.000.

Како започна сe?

Реакциите на Владата и на надлежните органи од почетокот на епидемијата на новиот корона вирус во Црна Гора драстично се разликуваат во однос на вториот бран од средината на јуни. Строгата контрола над изолацијата и потрагата по контактите беа дел од стратегијата која вроди со резултат. Иако обемот на тестирања не беше голем, почитувањето на другите мерки, чувството на страв и неизвесноста беа сојузници во контролата на епидемијата. Меѓутоа, првиот бран го следеа и контроверзии. Предолго на сила беа и некои нелогични мерки. Сопружници не смееја да излезат заедно од дома, а можеа да бидат во ист стан и во ист кревет; самохрана мајка на две малолетни деца не можеше истовремено да ги прошета двете деца, туку само едно; луѓето мораа да носат маска на отворено, но не и во ресторан. Сите овие нелогичности произведуваа недоверба и создаваа потреба за постојано преиспитување, дури и на оние мерки кои беа целисходни. Во тоа време, околу 1800 лица беа кривично процесуирани поради непочитување на мерките за превенција, поради кршење на самоизолацијата или поради излегување за време на „полициски час“. Двојните аршини и недоследноста во текот на вториот бран на Ковид дополнително ги компромитираа напорите на здравствените работници да воспостават однос на доверба со граѓаните и да ја стават под контрола епидемијата во Црна Гора.

Порастот на заболени беше очекуван поради бројните масовни собири пред изборите, по изборите, поради големиот број на луѓе во угостителските објекти од затворен тип, во теретаните, во казината… Општинските власти не му помогнаа на услужниот сектор преку ослободување од давачки, или со стимулација да организираат работење на отворено. Наместо тоа, угостителските објекти во текот на летните месеци и во време на епидемија работеа во затворен простор.

Ја пропуштивме можноста и да го зголемиме кадровскиот капацитет на лабораториите за ПЦР дијагностика во Институтот за јавно здравје, да набавиме повеќе апарати за ПЦР дијагностика, иако имавме доволно пари на сметката на Националното координативно тело за заразни болести. Парите се трошеа нерационално. НВО МАНС по тој повод во своето истражување наведува дека „Институтот за јавно здравје (ИЗЈ) за тестирање на примероци во лабораторија во Германија потрошил 240 илјади евра, што било доволно за набавка на неопходната опрема за значително зголемување на капацитетите за тестирање на вирусот во Црна Гора и за опремување на уште најмалку две лаборатории“. До септември, целата дијагностика во ИЗЈ се потпираше на три високообразовани специјалисти, а во септември еден од нив си даде отказ.

Уште во септември, кога на сила беа значително поблаги превентивни мерки, бројот на заразени за само 26 дена порасна за 74%, додека смртноста порасна за 54%. Така, на пример, бројот на потврдени новоинфицирани случаи на 22 август 2020 година изнесувал 36, а веќе на 17 септември бил 212. Веќе од 6 октомври до 1 ноември, бројот на починати во Црна Гора пораснал за дури 66,5%. Во Германија и во Велика Британија тој број пораснал за 10%, а во Шведска за помалку од 1%. Сите овие податоци ни се важни за да го преиспитаме ефектот на превентивните мерки што сега се во сила и за да се подготвуваме за нови.

 

Д-р Милена Поповиќ Самарџиќ, епидемиолог, завршила Медицински факултет во Подгорица, специјалистички студии по епидемиологија на Медицинскиот факултет во Белград, докторанд е во Подгорица. Началник е на службата за болничка епидемиологија во болницата „Данило I“. Претседателка е на Синдикатот на доктори по медицина во Црна Гора.