Клучот за одржлив развој на образованието започнува со наставниците. Наставниците денес се најзасегнатата страна во создавањето или нарушување на угледот на едно училиште.

 Калина Сотироска Иваноска

Се ближи крајот на учебната година, учениците се во исчекување на долгиот одмор, но пред да дојде денот на ослободувањето потребно е да поминат низ  на заклучување на оценките. Доаѓа моментот кога следењето, проверувањето и оценувањето во текот на целата учебна година ја губи смислата заради притисоците врз наставниците да се претворат сите оценки во петки, така бројот на одлични ученици во секоја следна генерација е поголем, додека секое наредно меѓународно тестирање покажува најлоши резултати на македонските ученици. На тој начин се намалува вредноста на основните работни задачи и одговорности на наставниците, се праќа порака „училиштето не е важно“. Некогаш угледна и првилегирана професија, денес целокупната почит кон наставниците се повеќе се намалува. Општиот впечаток на заедницата кон наставниците е дека станува збор за луѓе кои не се снајдени и не заслужуваат подобро. Одговорноста на наставниците е огромна, образуваат и формираат генерации, но заинтересираноста на учениците да се запишуваат на факултетите кои образуваат наставни кадри е значително ниска.

Трендовите се менуваат на пазарот на трудот, младите стануваат свесни за новите работни места кои се јавуваат, со подобри услови за работа и пред се повисоки плати од учителската или професорската плата. Несомнено дека платата е многу важна работа, но истражувањата покажуваат дека се важни и други фактори за да постои задоволство од работата и да се постигне ефикасност и ефективност на работното место. Не е мал бројот на наставници кои се вработени на определено време, а со промената на политичката гарнитура се истакнува подобноста пред способноста. Оттука, се јавува апатичност во ангажирањето на наставникот заради несигурноста на работното место и леснотијата на заменливоста.

Реформи во образованието се неопходни, но отвореноста за промени кај наставниците и заедницата е ограничена. Револтот кон бескрајните реформи во образованието најверојатно се јавуваат заради тоа што се започнале, но не довршиле, надополнувајќи го недостатокот на соодветни учебници, дезинформациите, едукација на наставниците и обезбедување соодветни материјали. Преоптовареноста со административна работа која никому не му е корисна, на наставниците им го намалува времето да се насочат кон развивање иновативни активности на часовите што се очекува од нив за да развијат критичност, креативност, комуникација и колаборација кај учениците.

Клучот за одржлив развој на образованието започнува со наставниците. Наставниците денес се најзасегнатата страна во создавањето или нарушување на угледот на едно училиште. Ако наставникот не е во можност да ги достигне очекувањата, училиштето ја губи привлечноста.

Сепак секој од нас во своето сеќавање го има свој омилениот наставник со кого или со која сме се иднетификувале себе си и сме биле подготвени да излеземе и сме излегле од зоната на комфорот. Покрај драстичната промена во почитта што општеството ја има кон наставниците, сепак добрите наставници сè уште имаат огромно влијание врз своите ученици. Имајќи го тоа на ум наставниците не треба да се препуштат на резигнираноста и да очекуваат подобри времиња. Секој од нас за да биде успешен во својата професија, потребно е промените да се започнат од нас самите и не од понеделник, туку веднаш!

 

Калина Сотироска Иваноска, Професорка на Филозофскиот факултет во Скопје, УКИМ