Теориите на заговор и ниското ниво на доверба во институциите влијаеја врз вербата на граѓаните во вакцинацијата против коронавирусот.

 

Имер Мушколај

Мајка ми се сеќава на времето кога изби епидемија на сипаници во Косово – поточно, епидемијата на вирусот вариола вера. Тоа беше последната епидемија на овој вирус во Европа. На 13 март 1972 година, докторот Џелал Џибо дијагностицирал девојче од Ораховац со вирусот. Два месеца подоцна, кога битката против оваа епидемија заврши, статистиките покажаа дека заразени биле 175 луѓе во Југославија, од кои 35 починале. Тогаш државата организираше вакцинација на 18 милиони жители. Епидемиолозите од тоа време велат дека епидемијата избила затоа што граѓаните давале отпор против вакцинацијата.

Точно 48 години подоцна, на 13 март 2020 година се идентификувани првите случаи на Ковид-19 на Косово. Досега, бројот на заразени изнесува речиси 60 илјади, додека бројот на смртни случаи се ближи кон 1500. Вакцинацијата сѐ уште не е започната, а скептицизмот на граѓаните кон вакцинирањето продолжува. На теориите на заговор им нема крај, додека институциите тврдат дека вложуваат најголеми напори да ги обезбедат потребните вакцини.

Според истражување спроведено од Советодавната група за јавна политика Балкан во Европа (BiEPAG) во текот на изминатиот месец, околу 50 отсто од анкетираните граѓани од земјите од Западен Балкан изјавиле дека не сакаат да се вакцинираат против коронавирусот. На Косово, овој процент достигнува 56%, а само 37% се подготвени да се вакцинираат. Но, што влијаело врз овие бројки?

Секако, влијанието на теориите на заговор е големо. Но, ниското ниво на доверба во институциите исто така има големо влијание. Според студија на Косовскиот центар за безбедносни студии, објавена во ноември минатата година, само 4% од граѓаните ѝ верувале на Владата на Косово, додека 52% од испитаните граѓани немале апсолутно никаква доверба во оваа институција.

***

Досега, мајка ми, која е во своите 70ти години, ја избегнува заразата. Се вакцинира против сезонскиот грип и постојано прашува кога ќе пристигнат вакцините против коронавирусот. Но, се чини дека политиката не е толку загрижена околу вакцините, колку што е загрижена околу изборните кампањи за изборите што ќе се одржат на 14 февруари.

Тешко е да се стекне довербата на граѓаните околу неопходната вакцинација кога и самите политичари не ги почитуваат безбедносните мерки за заштита од Ковид-19. Тешко е да веруваат во изјавите околу вакцинацијата, кога самиот министер за здравство собира луѓе за изборната кампања, без да обрнува внимание на мерките за заштита за кои самиот тој донел одлука.

Институциите и медиумите треба да се фокусираат на важноста што ја има вакцинацијата, секако, без притоа да ги анатемизираат оние што се против вакцинација.

Додека во 1972 година епидемијата на вариола вера избила поради отпорот кон вакцинирање, отпорот да се прими вакцина против Ковид-19 претставува еден вид злосторство. Вака, луѓето ќе продолжат да умираат, а економијата ќе биде уништена. Оттука, вакцинацијата е неопходност – вакцинацијата е еманципација.

 

Имер Мушколај, aвторот е новинар веќе 25 години. Има работено во различни медиуми и во многу од нив имал и управувачка позиција. Предавал новинарство и комуникација со публика. Активист за граѓанско општество, колумнист и политички аналитичар.