Задолжителната вакцинација е потенцијално придружена со огромни ризици, вклучувајќи, но не ограничувајќи се на: понатамошно намалување на довербата во вакцините, понатамошно намалување на довербата во институциите и експертите и, за жал, задолжителната вакцинација го отвора патот кон феноменот на лажна вакцинација само за документација, а не за здравствени цели.

 Илир Алимехмети

 Во Албанија, официјалната покриеност со вакцините е потценета поради необјективен именител, а тоа е „претпоставеното“ население кое живее во Албанија. Но, ако сфатиме дека таквата популација е всушност помала, тоа ќе доведе до зголемување на односот, односно покриеноста со вакцината. (Може да се направи споредба со изборниот список кој вклучува многу поголем број на луѓе што гласаат во споредба со реалното албанско население, што доведува до необјективна „ниска“ излезност на гласачите.

Второ, постојат реални и перципирани физички бариери за вакцинација, како што е случај со оддалечените области или лица кои не можат да стигнат до центрите за вакцинација. Во такви случаи, вакцините треба да стигнат до луѓето, а не обратно.

Трето, серија различни прашања го зголемуваат двоумењето околу вакцините, вклучувајќи, но не ограничувајќи се на: албанска популација на релативно помлада возраст, претходна инфекција со САРС-КоВ-2, страв од несакани ефекти од вакцината, недоверба во вакцините воопшто (анти-вакс) или во оваа конкретна вакцина поради брзото време на проучување и на производство, недоверба во институциите, недостаток на волја да се вакцинираат со вакцини со помала ефикасност, и последно, но не и најмалку важно: разни теории на заговор. Собрани заедно, заедничката тема во сите овие прашања е дека „придобивките од вакцината не вредат за ризикот“.

Дали кампањите за вакцинација се спроведуваат на вистински начин?

Не баш. Кампањата за вакцинација главно е ограничена на медиумска комуникација на политичари и експерти, по овој конкретен редослед. Прагматично, кампањата за вакцинација мора да се разгледува како изборна кампања. Така, со информации, мора да се стигне до секоја врата и до секоја заедница; мора да се стигне до локалните, верските или влијателните водачи и да се убедат. Бидејќи до младите не допираат телевизијата или политичарите, мора да дејствуваат уметниците, ВИП личностите или врсниците, пренесувајќи ја пораката на воочлив и веродостоен начин. Во пониските социоекономски слоеви, мора да се земат предвид и монетарните стимулации. Главната поента е да се пренесе пораката за јавно здравје на целосен, транспарентен, сигурен, достапен и разбирлив начин за секој поединец или заедница.

Каде е границата помеѓу грижата за здравјето на луѓето и загрозувањето на правото на слободен избор?

Таквото прашање опфаќа не само здравствени, туку и социјални и правни гледишта. Од строга здравствена перспектива, од медицинска етика и деонтологија, секогаш пациентот е тој што дава информирана согласност за секоја постапка и третман, откако ќе биде соодветно информиран од здравствениот персонал.

Задолжителната вакцинација може да се поддржи само доколку сертифицираните вакцини (не вакцините дозволени за итна употреба) би можеле целосно да го прекинат вирусниот пренос на други лица. За жал, моментално достапните вакцини не можат да понудат толку сигурна бариера за пренос, затоа го поткопуваат таквиот основ. Следствено, со оглед на фактот дека главната улога на вакцината е спречување на тешка заболеност од КОВИД-19 само кај вакцинираната индивидуа, но не и кај други, ние се враќаме на почетната точка со личноста која треба сама да одлучи за зачувување и грижа за своето здравје или не.

Ако на луѓето им се понудат целосни информации што се соодветно пренесени од сигурни лица и на соодветен начин, повеќето поединци би стигнале до центрите за вакцинација без принуда, како во случајот со Обединетото Кралство. Задолжителната вакцинација треба да се смета за неуспех на информативната кампања. Покрај тоа, задолжителната вакцинација е потенцијално придружена со огромни ризици, вклучувајќи, но не ограничувајќи се на: понатамошно намалување на довербата во вакцините, понатамошно намалување на довербата во институциите и експертите и, за жал, задолжителната вакцинација го отвора патот кон феноменот на лажна вакцинација само за документација, а не за здравствени цели.

 

Илир Алимехмети, заменик -декан на Медицинскиот факултет, Тирана