Суштината е во тоа да сфатите дека сѐ е до вас и дека парите на овој пат не помагаат. Патот до здравје и до добар изглед не оди прекутрупа. Многу е тежок, но влогот е највредното нешто што го имате – вашиот живот.

 Игор Мајер

 Без оглед на тоа колку години имате, ве „бомбардираат“ со реклами за филтери кои бришат брчки, килограми и години. Некои филтери се бесплатни, но оние кои навистина функционираат чинат неколку евра. Што се неколку евра наспроти килограми лајкови и тони завист? А и каде сте виделе нешто што е бесплатно да вреди? Зарем не е полесно да потрошите пари за привидно да изгледате убаво, здраво и атрактивно наместо да го трошите времето на некакви тренинзи или, уште полошо, да гладувате?

Сите, без исклучок, сакаме да изгледаме здраво, однатре и однадвор. Па, што нѐ спречува да се занимаваме со здравјето на единствениот исправен начин: со здрава исхрана и со редовен тренинг? Преголем број компании сфатија дека луѓето полесно се фаќаат за паричникот одошто за пешкирот со кој би ја избришале потта. Оттука, секоја година имаме нови текстови кои ни откриваат како научниците конечно сфатиле зошто некои луѓе се подебели од други. Текстот секогаш е пишуван на начин така што ќе се пронајдете во првата третина од текстот, во втората третина ве убедуваат дека вашиот физички изглед не е ваша вина, додека последната третина е резервирана за нудење на решение во вид на чај, апче или прашок кој внимателно ќе нишани и ќе ги отстрани сите ваши недостатоци и вишоци. И му давате на тоа ново, „спасоносно“ решение уште една шанса, иако веќе сте пробале премногу од нив и од ниедно не сте биле задоволни.

Повеќепати сум се шегувал дека ќе се збогатам во оној момент кога за слабеењето ќе ја напишам најкратката книга на светот. Освен корицата и предговорот, сѐ ќе собере во една реченица: потроши повеќе одошто ќе внесеш. Таа 2014 година имав 20 килограми вишок. Си зададов долгорочна цел и на проблемот му пристапив студиозно. Малку одење, малку трчање, неколку стотини метри пливање, пола час велосипедизам. Се посоветував со доктор и се согласивме, многу ситни чекори е подобро одошто неколку крупни. Пет месеци подоцна бев полесен за 20 килограми и го завршив првиот триатлон. Две години подоцна го завршив и оној најголемиот – Ајронмен, од 3.8 километри пливање, 180 километри велосипедизам и 42 километри трчање. Оттогаш до денес уште два такви, па еден екстремен – сите бројки се исти, но во екстремни услови. За крај се „почестив“ со еден двоен ајронмен од 7.6 километри пливање, 360 километри велосипедизам и 84 километри трчање. По тој потфат, сфатив дека тоа не е крај, туку само оној еден ситен чекор.

Акцентот е секогаш на потрошувачката. На калории, секако. Сите диети се фокусираат на намалување на внесените калории по претпоставка дека се трошите како и дотогаш. Но, тука лежи зајакот. Со намалување на внесената храна, го забавувате својот метаболизам, вашето тело сака да се одмора и да спие, станувате раздразливи, а резултати нема, затоа што нема разлика меѓу потрошувачката и внесените калории. Кој навистина бара вистински одговори, ќе сфати дека мора да почне да троши повеќе отколку досега. Кој главно седел во текот на целиот ден, сега ќе почне да се движи, кој ги минувал деновите на нога, мора да почне да трча или да тренира, а оној кој редовно тренира нека го намали внесувањето на храна! Просто? Да, ако сте сфатиле дека сѐ е до вас и дека парите на овој пат не помагаат.

Морате да се едуцирате за намирниците, да почнете да го планирате дневното внесување на храна, да правите разлика меѓу типовите на шеќери, а тоа е сето она што она наводно волшебно апче или шолја нешто „гарантира“ дека не е неопходно. Патот до здравје и до добар изглед не оди прекутрупа. Многу е тежок, но влогот е највредното нешто што го имате – вашиот живот.

 

Игор Мајер, триатлонец и организатор на спортски настани