Никогаш не се зборувало повеќе за „здрава исхрана“, иако знаеме помалку, но имаме разни верувања и теории, дури и научни. Ова е значењето на тоа да се живее во свет на „суперинформираност“ и маркетинг, споени заедно.

Ива Тичо

Кренете рака ако никогаш не сте објавиле ниту една фотографија од храна на социјалните медиуми!

Сигурно не сте од оваа планета, каде што сите нешта, пред да уживате во нив, се фотографираат и потоа се споделуваат со другите. Јадењето и разговорите за храна отсекогаш биле многу популарна тема, но станаа главна тема особено во „ПК“ периодот, „По карантин“, кога луѓето талкаат меѓу кулинарските вештини што ги научиле додека биле принудени да живеат меѓу четири ѕида и дискусијата „како да се ослободам од вишокот масти“, кои се должат на седењето дома и прошетките меѓу рерната и фрижидерот.

Зборовите „нутриционист“, „фуд блогер“ или „фуд гуру“ никогаш не биле помодерни. Маркетинг агенциите тврдат дека голем дел од буџетите на компаниите за храна и индустриите кои се вртат околу кујната сега одат онлајн, а не кон традиционалните медиуми, и се делат меѓу „инфлуенсерите“, девојки или жени, професионалци или не, кои готват, фотографираат и објавуваат фотографии од јадења, и пишуваат рецепти. Малкумина од нив го користат терминот „рекламирање“: повеќето ги пренесуваат содржините како совет до нивните следбеници. Колку се подобри маркетиншките вештини на инфлуенсерот, толку поскриена е рекламата.

Вистинските нутриционисти и фуд-блогери веќе лутаат околу речиси невидливите граници меѓу двата поими. И тие се принудени да споделуваат рецепти, да ги држат следбениците „залепени“ за нивните страници. Но, понекогаш не успеваат да му избегаат на искушението и тие да добијат парче од „колачот“ на рекламирањето, главно преку претставување на „здрави“ продукти во рамките на нивниот совет. Очигледно, спонзорирани.

Следбениците се заглавени во средината. Како да знаат дека одредена храна е навистина здрава, а друга е „маскирана“ како здрава? Како да разберат дека да бидеш здрав не мора да значи да немаш масни наслаги на стомакот? Како да разликуваат нутриционист од некого кој прочитал нешто на интернет или посетувал курс и денеска има сопствен бизнис?! „Инстаграм“  и, општо, социјалните медиуми имаат место за секого и мала е веројатноста дека во блиска иднина ќе има некаков селективен филтер или сертификат за веродостојност.

Но, треба само малку да ја поднаместиме антената за да разбереме полесно: ако зборуваме за диета со редовни оброци, сезонски продукти, неисклучување на одредена храна или издигнување на некоја суперхрана, тогаш си имаме работа со образован професионалец, кому можеме да му веруваме. Ако зборуваме за кето, 7-дневна диета, калориска диета, детокс и сите оние нешта кои се сумираат во наслови од типот „Како да изгубите X килограми за X дена“, тогаш си имаме работа со диети, кои не секогаш имаат врска со „здрави“.

Звучи малку комплицирано, нели?! Никогаш не се зборувало повеќе за „здрава исхрана“, иако знаеме помалку, но имаме разни верувања и теории, дури и научни. Ова е значењето на тоа да се живее во свет на „суперинформираност“ и маркетинг, споени заедно. Затоа, единствениот начин да преживеете е да го слушате телото, да ги читате неговите сигнали и да задржите мала резерва кон социјалните медиуми: следете ги за инспирација, а правете онака како што знаете и како што ве учеле бабите, кои готвеле прекрасни јадења и живееле здраво без да имаат авокадо и киноа во нивните кујни и кои никогаш не слушнале за постење.

 

Ива Тичо речиси 25 години работи како новинар, автор и преведувач, а веќе три години е ко-автор за блогот за храна – rozmarina.al.