Сите оние кои во туризмот гледаат голем потенцијал за општина Лепосавиќ, ќе нагласат дека е потребен систематски пристап кон овој сектор, јасна поддршка од локалната самоуправа, но и од сите други надлежни институции.

Иван Вучковиќ

Надежта за туризам на јужните падини на Копаоник трае повеќе од половина век. Уште од 1964 година, кога беше изградена првата жичарница од северната страна и кога беше јасно дека полека се спрема за зимски туризам. Сепак, сè уште нема ништо од големата приказна за хотелите и гондолите од страната што ѝ припаѓа на општината Лепосавиќ. Остана само идејата за голем потенцијал и спорадични ветувања кои понекогаш се слушаат повторно.

Овој регион, ќе кажат упатените, плени со својата убавина, имајќи предвид дека е опкружен со две планини, Рогозна и Копаоник, дека се протега низ ибарската долина, во умерен климатски појас и изобилува со разновидна вегетација што ја комплетира целата слика. Од оваа причина, свесни за богатството што ги опкружува, голем е бројот на оние кои на туризмот гледаат како на одлична можност, обидувајќи се, индивидуално, да осмислат разновидни содржини и да создаваат понуди, а со тоа да привлечат и долгоочекуваните гости.

Започнувањето селски туризам е пионерска дејност во овој регион. Небојша Танасковиќ, од селото Јошаница, на десетина километри од Лепосавиќ, во подножјето на Рогозна, се осмели и започна зафат кој сè уште го надградува. Денеска, работејќи со своето семејство, тој гради етно населба, во која ќе можат да уживаат сите оние кои ја сакаат природата, но и вистинска домаќинска гозба, кој изобилува со здрави производи и традиционална кујна. На другата страна, во селото Вуча, Јован Миладиновиќ дизајнираше вистински рај за љубителите на риболов, градејќи вештачко езеро, кое беше порибено, и дополнувајќи ја понудата, од година во година, со разни придружни содржини. Токму селото Вуча, и истоимената бања со термални извори, со години се споменуваа како најважен потенцијал на општината на крајниот север на Косово и Метохија. Истражувањата покажаа, раскажува туризмологот Никола Радосавлевиќ, дека овие извори се богати со сулфур, одлични за лекување на кожни и ревматски заболувања, за што сведочи и бројот на оние кои доаѓаат постојано. Повторно, изостана поддршка и придружна инфраструктура. Освен два базена во бањата Вуча, нема ништо друго.

Неколку години наназад, туристичката слика на Лепосавиќ и неговата околина во голема мера ја надополнуваат новоникнати лозја со придружни винарии, чии сопственици се обидуваат да ја оживеат традицијата на лозарството што постоеше на овие простори многу децении порано. Благодарение на ваквите идеи, туризмот во оваа општина добива уште една димензија, за која велат дека може да стане и столб на развојот.

За жал, приказната за туризмот меѓу Копаоник и Рогозна се сведува на ентузијазмот на поединци или здруженија, како што е Планинарското друштво „Копаоник“, чии членови се обидуваат да ја претстават оваа област пред пошироката популација, водејќи сметка што е можно повеќе да ја зачуваат природата, да побудат интерес кај локалното население и да ги интензивираат медиумските активности.

Сите оние кои во туризмот гледаат голем потенцијал за општина Лепосавиќ, ќе нагласат дека е потребен систематски пристап кон овој сектор, јасна поддршка од локалната самоуправа, но и од сите други надлежни институции. Во оваа смисла, не е отидено подалеку од стратегијата што е направена, но која и понатаму е само мртва буква на хартија. Изостанаа конкретни проекти, изградба на инфраструктура, маркетинг и популаризација преку медиумите, но исто така и едукација, што е многу потребна во оваа работа.

Можеме да кажеме дека пандемијата нѐ врати неколку чекори наназад во развојот на туризмот во Лепосавиќ, но не можеме да не споменеме дека овие чекори не беа цврсти и енергични. Туризмот останува како надеж, само уште туристите да дојдат.

 

Иван Вучковиќ, долгогодишен новинар и публицист