Криминализацијата на употребата на дрога се покажа како погрешна. Потребен е сосема нов пристап кон употребата на психоактивни супстанции, со акцент на поинаков став кон луѓето што ги користат.

Ивана Вујовиќ

Речиси секоја петта личност на возраст од 15 до 24 години во Црна Гора пробала канабис. Ова го покажа истражувањето на Институтот за јавно здравје, спроведено во 2017 година на репрезентативен примерок на граѓани постари од 15 години.

Со оглед на тоа дека ваквите истражувања имаат тенденција да ја потценат реалната големина на популацијата која пробала или редовно користи нелегални супстанции, се претпоставува дека бројот е поголем. Грубо кажано, најмалку 16.000 млади луѓе во Црна Гора, на возраст од 15 до 24 години, имале директен или индиректен контакт со пазарот за нелегални супстанции. Кога ги разгледуваме другите возрасни категории, уделот на популацијата што некогаш користела или продолжува да користи канабис се намалува, но останува релативно висок. Истражувањата меѓу средношколци покажаа дека марихуаната им е достапна и на децата.

Криминализацијата на употребата на дрога се покажа како погрешна. Потребен е сосема нов пристап кон употребата на психоактивни супстанции, со акцент на поинаков став кон луѓето што ги користат. „Војната против дрогите“ донесе со себе голем број проблеми, вклучително и крајно стигматизирачки однос кон оние што ги користат, што го направи целиот проблем многу покомплициран, а последиците потрагични. Во целиот концепт на справување со широко распространетата употреба на психоактивни супстанции изостана искрениот и хуман однос, како и разбирање за различните причини зошто луѓето ги консумираат.

Употребата на дрога и поседувањето за сопствени потреби треба да се декриминализираат, а употребата на марихуана да се легализира. Ова ќе го намали контактот на голем број луѓе со незаконски активности и ќе ги ослободи полицијата, обвинителите, судството и затворите. Голем број луѓе се осудени за поседување мала количина канабис, или за многу мало учество во неговата дистрибуција, најчесто во периодот на рана младост. Со лишување од слобода на овие лица е направена поголема штета одошто добивка за општеството. Марихуаната секако не престанува да биде широко достапна.

Потребно е да се прифати реалноста каква што е и, со воспоставување контролирана употреба, да се намалат штетните последици од употребата на психоактивни супстанции и да се препознае и овозможи употреба на канабис за медицински цели.

Секако, легализацијата на употребата и одгледувањето марихуана треба да се изврши многу внимателно, дури и постепено. Овој процес не е брз и лесен и бара вклучување на широк спектар на засегнати страни, вклучително и на самите корисници.

Производите од тутун немаат позитивни ефекти врз здравјето, но се легални. Законската забрана за употреба на тутун би направила повеќе штета отколку што можеме да замислиме. Прохибицијата не ја направи употребата на алкохол поретка, туку поопасна. Кога правиме паралела со марихуаната, можеме да дојдеме до слични заклучоци. Треба да се отвори искрена дебата на национално и регионално ниво, земајќи ги предвид дефакто поврзаните пазари.

Прецизната законска контрола треба да влијае и врз намалувањето на негативните последици од употребата на канабис.

Во декември 2020 година, Комисијата на ОН за опојни дроги, врз основа на предлог на Светската здравствена организација заснован на истражување спроведено од комисија составена од врвни експерти за дроги, ги отстрани канабисот и смолата од канабис од категоријата најопасни наркотици и ги смести во категорија со значително пофлексибилен режим на контрола. Овој став не дава основа за глобално легализирање на канабисот, но претставува позитивен сигнал за регистрација на супстанцијата за медицински цели. Дека има општа промена во ставовите во врска со канабисот покажува и ситуацијата на теренот – во многу европски земји легализирана е употребата на канабис за медицински цели, како во 36 американски држави, додека употребата на марихуана за рекреативни цели е дозволена во 17 сојузни држави.

ООН останува на тврдењето дека употребата на канабис не е безопасна, а ние во Јувентас веруваме дека употребата на оваа супстанца е уште поштетна кога корисникот не знае што, всушност, конзумира.

 

Ивана Вујовиќ, извршен директор на Јувентас, невладина организација што придонесува за унапредување на човековите права и демократизација на општеството