Никој не смее да прокламира дека ЛГБТКА+ припадниците немаат право да се идентификуваат национално и верски доколку тоа им е важно. Правото на култура и традиција во оваа земја не смее да биде ускратено, ниту е противречно со ЛГБТКА+ заедницата.

 Зорана Миловановиќ

Дека општеството е пополаризирано од кога и да е сведочи атмосферата на напнатост в очи организацијата на Европскиот прајд чиј домаќин, за првпат, ќе биде градот Белград. Одлуката дека Европскиот прајд ќе биде одржан во Белград е донесена уште во 2019 година, но ниту одблизу не предизвика реакција од јавноста, особено од хомофобичниот и хомоскептичниот дел, како пред самото одржување. Зошто, и покрај растот на афирмацијата на ЛГБТКА+ заедницата во изминатите неколку години (иако побавно во однос на другите, особено западните општества), одеднаш таков пораст на хомофобија и хомоскептицизам?

Одговорот би можел да се најде во анализата на делувањето на главните актери во време на поновата светска криза: владејачката политичка елита, политичките лидери и политичките партии, масовните медиуми и ЛГБТКА+ активистите и организациите. Посебно треба да се истакнат анти-лгбтка+ движењата, со напомена дека е тешко да се идентификуваат бидејќи не постојат како автентични анти-лгбтка+ движења, туку црпат масовност од други мотиви – против глобализацијата, против ЕУ/НАТО, за Русија, за „одбрана“ на Косово, чие присуство во јавноста е попрепознатливо од почетокот на руската агресија врз Украина. Токму ваквите движења врз бранот на идеолошката и културолошката спротивставеност меѓу Русија и Западот, во епицентарот на непријателското настојување ја ставаат ЛГБТКА+ заедницата, која во нивните очи симболички ги претставува западните политички струи. Концептот на човекови права апсолутно го занемаруваат или му ја одземаат цивилизациската вредност, сведувајќи ги припадниците/чките на ЛГБТКА+ заедницата на актери во рушењето на православната црква, на националниот српски идентитет, на традицијата и културата на српското општество. Дополнително, говорот на омраза во комбинација со лажни вести и намерни погрешни толкувања (на пример, поврзување со психолошко-социјалните девијации како што е педофилијата) претставуваат инструменти со кои овие движења се служат во анти-лгбтка+ пропагандата.

Владејачкото мнозинство од 2012 година нема јасен став кон ЛГБТКА+ заедницата, а уште помалку активни мерки за поддршка во вид на политика и закони. Иако премиерката во три мандати е јавно декларирана лезбејка која ги посетуваше белградските паради на гордоста претходните години, ништо не е направено со цел да се регулираат правата на ЛГБТКА+ лицата. Ниту е усвоен законот за истополови заедници, ниту владејачкото мнозинство јавно се декларираше во осудувањето на хомофобијата. Во СНС и во СПС нема програма за унапредување на положбата на малцинствата, а уште помалку на ЛГБТКА+ заедницата. Ниту во опозицискиот табор нема светли примери – ниедна партија нема официјална програма, ниту конкретни акции кога се во прашање ЛГБТКА+ правата. Кој е, тогаш, на политичката сцена бастион за одбрана на човековите права, и на правата на ЛГБТКА+ заедницата? Никој. Единственото полошо нешто што може да му се случи на едно општество е, покрај необразована десница, да има и лицемерна левица.

И медиумите затаија. И оние кои се под контрола на власта (поголемиот дел) и оние кои не се. На ЛГБТКА+ заедницата ѝ е потребен континуитет на присуство во јавноста, објективност и јасност во комуникацијата. Меѓутоа, за нив се зборува само кога е во прашање јавна расправа која се случува паралелно со популаризацијата на прашањето околу законот за истополови заедници и приказната е обично обесмислена со изборот на гости. ЛГБТКА+ темите како теми за човековите права му отстапуваат место на сензационализмот.

Од друга страна, ЛГБТКА+ активистите и организациите не успеваат да постапуваат промислено, стратешки и ефективно, иако тоа е тешко во ваква атмосфера и систем. На сопствена штета, наместо да се сосредоточат на стратешко делување, присвоија поширока еманципаторска улога во општеството – под мотото „различностите обединуваат“, ги разубедуваат луѓето дека верата, националниот идентитет и сличните лични и колективни одлики не треба да ги раздвојуваат луѓето. Иако е точна и коректна, ваквата порака во моментов во Србија нема адекватни слушатели, особено кога доаѓа од ЛГБТКА+ заговорници.

Затоа ЛГБТКА+ заедницата би требало да најде начин да ја искомуницира природата на ЛГБТКА+ идентитетот, како и фактот дека, кога зборуваме за припадници/чки, зборуваме за граѓани/ки на Србија, и дека во Србија изворно постојат сексуални различности, како и во секое друго општество. Никој не смее да прокламира дека ЛГБТКА+ припадниците немаат право да се идентификуваат национално и верски доколку тоа им е важно. Правото на култура и традиција во оваа земја не смее да биде ускратено, ниту е противречно со ЛГБТКА+ заедницата.

Се гледаме на Европрајдот, 17.09. во 17 часот. #ljubavjeljubav

 

Зорана Миловановиќ, проектна менаџерка на Европското движење во Србија