Десницата во Европа е политички фактор, а десницата на поголемиот дел од Балканот е произведен резултат на насочени неуредености кои влијаат на падот на општеството и профитот на ненаситноста. Со интереси однадвор да не биде поинаку.

Златко Диздаревиќ

Ни за европската десница, ни за нејзиното влијание на Балканот денеска веќе не може да се зборува во генерализирачки категории. „Украина“ и разните играчи во таа игра веќе од темел ја променија глобалната светска ситуација. И многу од довчерашните важечки наративи.

Шестнаесет европски популистички партии уште лани беа за „реформи во Европа“: враќање на заедничката традиција и вредности, за почитување на културата и историјата на европските држави, европското јудеохристијанско наследство итн. Несомнена е согласноста против бегалците, особено оние од исламските земји, потоа ултранационализмот, културниот конзерватизам и противењето кон Европската унија… Но, Путин, кому речиси сите му беа наклонети, „е виновен“ што сега јасно се воочи и вечната притаена склоност на десницата за прагматично омекнување наспроти официјалните државни политики. Посебно токму пред избори. Сето ова сега на многумина во ЕУ им одговара.

Но, политиката на европските десници главно не се пример за анализа на десните сили на Балканот. Ниту транспарентно организациски, ниту содржински во политиката, во парламентите, па и во јавноста, ниту мотивационо и според изворите на кои се хранат. Десницата во државите на поранешна Југославија се раѓаше врз основа на последователната идеолошка легализација на старите политики, идеи и чувства на оние кои беа поразени во Втората светска војна, а потоа и оние родени во сосема нови политики и интереси по војните во 1990-тите.

Конкретно во Босна и Херцеговина, таргетирано е уништено, речиси целосно, старото општество, историски израснато во мешавина по сите основи. Постојаното производство на омраза, страв и ултранационализам потоа стана профитабилен проект за владејачката елита, како за „сељачката десница“, така и за значаен дел од „млитавата левица“, како што би рекол Жижек.

Таканаречената „десница“ во БиХ, всушност, претставува одржувано беззаконие, примитивизам, ароганција, чувство на недопирливост помножено со растурено и корумпирано судство. Со молкот на т.н меѓународна заедница, целосно опиена од потребата да се одржи статус кво. Што поради за нив неважната Босна, што поради нови геостратешки планетарни драми.

Во изминативе денови, Словенија е единствената која ненадејно направи изборен исчекор против десницата. Со носталгично десничарски и благо леви наративи, Хрватска влезе во европското „не бранувај“ семејство. Во Србија, три десничарски, популистички партии на изборите освоија гласови за влез во власта, со речиси заедничка платформа.

Таа, кај „десницата“ во БиХ, Македонија, Црна Гора и Косово, покрај класичниот и организиран хулиганизам, главно е на полето на ултранационализмот и шовинизмот. Таквата десница од ден на ден се засилува, практично без никаква врска со зајакнувањето или слабеењето на политичката десница во Европа. Освен, се разбира, општите светски трендови кои слепо ги туркаат голите профитерски интереси во прв план, сè поотворено исмевајќи го она што беше почитување на меѓународниот поредок и право, принципи, системи, хуманизам… итн.

Заклучокот е: Десницата во Европа е политички фактор, а десницата на поголемиот дел од Балканот е произведен резултат на насочени неуредености кои влијаат на падот на општеството и профитот на ненаситноста. Со интереси однадвор да не биде поинаку. Затоа двете десниици, речиси, не се среќаваат ниту на изворот, ниту со содржината. Рамката за доаѓање на власт за првите е, на крајот на краиштата, системот и политиката, а за повеќето од вториве е хаос и непочитување на политиката, како и да е обмислена. Тоа е видливо на секој чекор.

 

Златко Диздаревиќ, новинар и дипломат; поранешен уредник на сараевското „Ослободување“ и на неделните списанија „Свет“ и „Недела“; долгогодишен дописник од Блискиот Исток