Опкружувањето се граѓаните, пријателите, колегите, различностите, радоста, природните убавини, силата, па и претерувањето кое никому не му штети, а е погодно за шега.

Звездана Ковач

Ние, во нашето опкружување, меѓу другото, сакаме и јубилеи, па ако баш се потрудиме, би можеле да кажеме дека годинава одбележуваме десетгодишнина од „Опкружување“. Ако занемариме дека, всушност, „Опкружување“ како пилот проект се појави пред 11 години. Знаете веќе сѐ за нас, а ако не знаете, а ве интересира, сѐ можете да пронајдете на овој портал, па не би зборувала за тоа.

Јубилеј или не, се потсетив на почетоците и на една илустративна епизода на екипата која тогаш го започнуваше проектот. Имавме име, „Опкружување“, но требаше да се преведе и на англиски – за оние кои не зборуваат ниту еден од трите јазици на опкружувањето (во овој случај т.н. ЗБ6) и за оние на кои сакавме да им покажеме дека не се сите на овие простори наклонети кон испади од колосекот на суштинските демократски вредности. Дека имаме разбирање и емпатија, а и способност да процениме што е добро за луѓето, а не за припадниците на нации и вери.

Преводот, и покрај фактот дека во канцеларијата имавме три колешки на кои англискиот им беше мајчин јазик, се покажа како предизвик. Neighborhood? Да, но не е само комшилукот. Environment? Да, средина, но повторно, не е само тоа. Circle? Да, некој вид на кружок, но делува клаустрофобично… И тогаш дојдовме до – Vicinity – збор кој означува близина, соседство, блискост. Тоа е тоа!

На крајот од оваа сезона, им предложив на колегите, уредниците од сите земји, да напишат нешто на тема: што прво ви паѓа на памет кога ќе го изговорите зборот „опкружување“ и зошто опкружувањето е важно. Потоа и самата се најдов пред истата задача. Ги запишав веднаш своите одговори, оние кои се појавија во истиот миг, како први асоцијации. Без долго размислување. Напишав: тегобност, ограниченост, стега. И се исплашив! Меѓу другото, и затоа што тоа е сосема спротивно од тоа колку верувам дека сум слободна, колку го сакам овој простор, колку го доживувам како свој, без оглед во кој дел од опкружувањето се наоѓам во моментот, и затоа што е сосема спротивно од она што треба да значи овој проект, од тоа што сакаме да го избегнеме со него и од пораката која сакаме да ја испратиме.

Дали нашето опкружување, кое честопати го нарекуваме и регион (Балкан, Западен Балкан, Југоисточна Европа…) е тегобно, ограничено и стегнато? Изгледа дека нашите политички елити завршиле добра работа, успевајќи во тоа потсвеста во овој случаен селф-психо тест да ми порача што да мислам.

Мора тие асоцијации да ми наишле како први, затоа што еве, веќе еден месец, порталот „Опкружување“ е под перманентен хакерски напад. Не сакавме да поверуваме дека сме мета, но судејќи по сѐ – сме. Кому и зошто му пречиме?!

Можеби асоцијациите се такви и затоа што кога одам во мојата Црна Гора, не гледам граѓани, туку Црногорци, Срби, Албанци, Бошњаци… Бидејќи во Србија, каде што живеам, гледам патриоти и домашни предавници. Во Босна и Херцеговина ентитети, во Албанија вишок ентузијазам и недостиг на дела, во Македонија изневерени Европјани, а на Косово – регионот во мало. Но, опкружувањето не се Вучиќ, Рама, Ѓукановиќ, Груевски, Додик и Курти. Опкружувањето се граѓаните, пријателите, колегите, различностите, радоста, природните убавини, силата, па и претерувањето кое никому не му штети, а е погодно за шега. Опкружувањето е Vicinity – близина, соседство, блискост.

Нека ни е среќен овој јубилеј, бил тоа навистина или не, со порака до лидерите дека нивната обврска и одлучувачка улога е да ги препознаат пораките од опкружувањето или „Опкружување“, за да се ослободиме од чувството на тегобност, ограниченост и стегнатост. Навистина, не е сѐ до политичарите, нешто е и до нас.

 

Звездана Ковач, генерална секретарка на Европското движење во Србија и уредничка на „Опкружување“