Пред две години, Пјетер Ндрецај ги уби сопругата Валбона и нивната деветгодишна ќерка Клара. Долг период претходно бил насилен кон нив, и на крајот ги убил. Основниот суд во Ѓаковица, по повторното судење на овој случај, го осуди обвинетиот на казна затвор од само 24 години и шест месеци. Сега, овој криминалец е оправдан од систем кој родово заснованото насилство на мажи врз жени го смета за норма и го одржува како такво.

Пишува: Нора Ахметај 

Во вакви времиња, како што е глобалната пандемија на ковид-19, домот би требало да биде најбезбедното место. Но, за луѓето што доживуваат родово засновано насилство, вклучувајќи и семејно насилство, социјалното дистанцирање може да значи и да бидат заробени дома со злоставувач. Семејното насилство веќе е смртоносна епидемија, кога една од три жени во светот доживува физичко или сексуално насилство, најчесто од интимен партнер. Насилството за време на криза обично расте, а пандемијата на ковид-19 ја потврдува ваквата тенденција насекаде во светот.

Сепак, не предизвикува само пандемијата насилство во нашите семејства. Бројот на убиства на жени во Косово се зголемува секоја година, а најчесто жените и се занимаваат со овој феномен, преку заложби во јавната сфера или како жени вклучени во граѓанското општество. Има многу гласни жени во разни јавни институции и во полицијата, кои се залагаат и работат на тоа да се осуди родово заснованото насилство, но со тоа завршува посветеноста на институциите. Жените се справуваат со жените, за разлика од мажите на Косово. Членот 248 од Кривичниот законик на Косово го идентификува семејното насилство како кривично дело, и вклучува не само физичко насилство, туку и психолошко, сексуално и економско насилство, па дури и малтретирање на еден член на семејството врз друг член на семејството. Оваа форма на насилство се казнува со парична казна и со затвор. Судовите во Косово продолжуваат да донесуваат одлуки кои завршуваат со смешни казни, дури и кога е потребно да се досуди максимална казна против насилникот.

Зошто само жени добиваат покани да гостуваат во тв-програми за да зборуваат за позицијата на жените во општеството или против родово заснованите убиства? Зошто само жените работат на проблемите поврзани со женските права? На оваа тема треба да се дискутира и со мажи од различни сфери, особено со оние што се дел од институциите што носат одлуки. Секоја вечер политичарите зборуваат за земјата, за нацијата, за добросостојбата на граѓаните итн., но нема простор за да се зборува за животите на убиените жени или за нивната добросостојба.

Пред две години, Пјетер Ндрецај ги уби сопругата Валбона и нивната деветгодишна ќерка Клара. Долг период претходно бил насилен кон нив, и на крајот ги убил. Основниот суд во Ѓаковица, по повторното судење на овој случај, го осуди обвинетиот на казна затвор од само 24 години и шест месеци. Сега, овој криминалец е оправдан од систем кој родово заснованото насилство на мажи врз жени го смета за норма и го одржува како такво. Само во 2020 година, во Косово биле убиени шест жени. Во меѓувреме, „правдата“ им ги намалува казните на убијците.

Оттука, не треба да ги сфаќаме сериозно политичарите и интелектуалците (и мажите и жените), доколку тие не го сфатат фемицидот сериозно. Нема ништо поважно од животот на човечко суштество. Но, во Косово, се чини дека нема ништо поважно од животите на мажите, проблемите околу пандемијата, случајот Ујмани, дијалогот итн. Жените и девојчињата и понатаму се убивани и силувани.

 

Нора Ахметај го основа Центарот за истражување, документација и публикација (ЦИДП) во 2010 година, а до 2016 година беше негова директорка. За време на војната во Косово, спроведуваше истраги за воени злосторства и злосторства против човештвото за Центарот за хуманитарно право.