Отсекогаш имало инфлуенсери, првите се викаа родители. Вторите народ. Потоа, пејачи и филмски ѕвезди. Денеска тоа е Азра од соседството. На инстаграм.

 Емела Бурџовиќ Слипичевиќ

Читам, на социјалните мрежи, секако, дека светските брендови имаат намера да дадат 500 милијарди долари за маркетинг преку инфлуенсери до 2022 година. Веројатно тоа е многу. А, веројатно, ни тие не се будали. Истовремено, домашната јавност нималку неволно расправа за тоа дали инфлуенсер е воопшто вистинско занимање, по некој ќе се одважи да го нарече занимање на иднината, а речиси секој да му се потсмее.

„Непостоечкото“ занимање, за кое сѐ повеќе се зборува, јас не го забележав. Иднината веќе одамна започна и не го следеше баш она „што нашите дедовци го работеле во 1937 година“. Особено ако земеме предвид дека најподложни на влијание преку социјалните медиуми, велат психолозите, се генерациите на кои нашиот дедо им бил барем прадедо, ако не и прапрадедо. Генерациите на кои не им е гајле за дедовците. Околу 70% од тие генерации следат инфлуенсери. Дедовците едноставно ги нема во мобилните телефони. Признавам, името е малку неспретно. Влијаат врз нас? Безобразен е оној што воопшто помислил на такво нешто. Нормалните луѓе не признаваат дека се поводливи. Нормалните луѓе се поводливи во своите четири рабови од телефонот. Во разговор и со самите инфлуенсери забележувам дека не сакаат да ги нарекуваат така. Претпочитаат да бидат претприемачи, што секако се, ако ме прашувате мене. Многу претприемништво стои зад еден инфлуенсер и многу често самите инфлуенсери тоа го наведуваат како аргумент во борбата да докажат дека нивното занимање е вистинска работа. Се сложувам, а потоа ќе се збунам кога некои од најпедантните меѓу нив ќе речат: „Не си инфлуенсер ако се трудиш да бидеш инфлуенсер“. Чекај, не разбирам. Не си доктор ако се трудиш да бидеш доктор? Не оди. Не си новинар ако се трудиш да бидеш новинар? Ни тоа. Па да! Тоа е можеби и најважната законитост на ова занимање – прво стануваш тоа, па потоа се трудиш и тоа фино го претвораш во пари. А светските брендови од почетокот на текстот се трудат да го искористат твоето влијание врз „неповодливите“ светски маси. И колку и многу да звучи 500 милијарди долари – поевтино им е, наведуваат маркетинг-експертите, во однос на традиционалните кампањи.

Правилата секавично се менуваат. Последното е дека правила, всушност, и нема. Во мода веќе не се ни правилни, доследни инстаграм профили. Во мода не се исклучиво ниту оние со милиони следбеници, бидејќи сѐ повеќе личат на пазар, а сѐ помалку им се верува.

Последните текови покажуваат сѐ поголема заинтересираност за т.н. микроинфлуенсери, оние кои се докажале во одредена ниша и со кои можете да сметате на попрецизна целна група.

И додека ги негираме, додека на некои од нас дури и им се гадат, инфлуенсерите едноставно ја променија играта. И подготвени се да почекаат да ги сфатиме правилата. Или едноставно да изумреме. На поштарот веќе му е јасно зошто на истата адреса постојано носи пакети. Пумпаџијата има подготвена насмевка и весел збор за „стори“, затоа што – имаме нова акција! Додека се јадете што работата е добра, а парата лесна, помирете се со тоа дека сте поводливи. Отсекогаш имало инфлуенсери, првите се викаа родители. Вторите народ. Потоа, пејачи и филмски ѕвезди. Денеска тоа е Азра од соседството. На инстаграм. И не е белки дека сите Азри се безобразници. Некоја ќе нѐ научи како да направиме одличен колач, а некоја ќе нѐ мотивира да се вакцинираме. Не се опирајте, само не заборавајте дека мозокот е секогаш во мода!

 

Емела Бурџовиќ Слипичевиќ. уредничка, продуцентка и водителка на Н1 телевизија