Кога ќе погледнеме наназад, малку нешта вредат да им се даде мемориски простор во изминативе триста и нешто дена. Главно, лошото се менуваше на полошо. Бидејќи во секое зло има зрнце добро, да се обидеме да бидеме попаметни и да научиме нешто. За почеток, да ги запаметиме петте поими што ја одбележаа 2020.

Елдин Кариќ

 

Респиратор: Ширум планетата се ангажирани фирми за набавка на медицинска опреман, а цените на респираторите значително пораснаа. Во БиХ за набавка на медицинска опрема се ангажирани земјоделски стопанства и туристички агенции. Опремата е набавувана со нетранспарентни тендерски постапки. Набавените респиратори беа десет пати поскапи. Народната мака е претворена во криминал и можност политичките елити да си ги префрлат нашите пари во своите џебови. Ширум планетата се планира вакцинација на населението, а респираторите во БиХ се сѐ уште – „на апарати“.

 

Сребрена малина: Кога ќе ве изненади епидемија на вирус и итно ви е потребен голем број респиратори, што ќе направите? Секако, прво ќе се распрашате дали има некој симпатичен тв-водител. Од посебни вештини мора да има земјоделско стопанство, а пожелно е да биде пријател со Насер Ориќ или со некој сличен експерт за специјални задачи во СДА. Така јавноста во БиХ го запозна Фикрет Хоџиќ, сопственик на „Сребрена малина“, „идеалнот“ снабдувач со респиратори во време на пандемија. Во координација со Федералната управа за цивилна заштита и со Владата на Федерацијата БиХ, заобиколувајќи ги законските процедури, без важечка дозвола за трговија со медицинска опрема, земјоделското стопанство од буџетот доби десет милиони КМ за набавка на респиратори. За сѐ останато, погледнете под „Респиратор“.

 

Полска болница: Сте купиле шатор. Онаков голем, за свадби и погреби. И за предизборни собири на СНСД.

Во секој случај, бизнис кој на овие простори никогаш не може да потфрли. Сѐ додека има пејачки и сточен фонд, ќе бидат потребни и шатори. Така, вложувате вие стотина илјади, нешто, договарате свадби, планирате погреби, сметате на избори, кога тоа, пандемија. Нема свадби, погребите се без публика, изборите се далеку… Што да правиш? Како и секој што сака да стане милионер преку ноќ, би требало да ја прашаш публиката, но публиката е во карантин. Да одиш на опцијата пола-пола, не се исплати да изгубиш толку пари. Не ти останува друго, ја одбираш опцијата повикај пријател. Што да правиш, не си ти виновен што ти е пријател претседателот на Владата на Република Српска: Каде си, Радоване? Еј, Славе…

Сѐ останато е афера за набавката на мобилната болница…

Болницата се наоѓала во Германија, а „добриот пријател“ е Славен Ристиќ, сопственикот на фирмата „Балкан Глобал“ од Бијељина. Два дена пред воведувањето на вонредна состојба во Република Српска е потпишан договор. Јавното обвинителство формираше предмет. И така си стои.

 

Патот на пациентите: „Премиерот на ентитетот Федерација на БиХ, Фадил Новалиќ, е сместен на клиниката во Сараево, откако му беше дијагностицирана тешка пневмонија.“

„Градоначалникот на Бања Лука, Игор Радојчиќ, е хоспитализиран на клиниката во Бања Лука, поради коронавирус.“ Како што наведуваат, „здравствената состојба на Радојчиќ е стабилна и ќе ја прима потребната терапија…“

Вака изгледа сето тоа кога е во прашање ВИП пациент.

Доколку не сте, како што рече Милорад Додик, во системот на власта, патот на обичниот пациент кој е заразен, или кој се сомнева дека е заразен со корона вирусот, по неколкудневна потрага по доктор што ќе го прегледа, за жал најчесто завршува на респиратор. Ако го има, но, како вели нашиот народ: И да го имаме, од каде ни е?!

 

Потковување: Уште во мај минатата година, онлајн магазинот „Журнал“ објани снимка од претседателот на Високиот совет на обвинители на БиХ, Милан Тегелтија, како во една кафеана договара решавање на случај кој заглавил во правосудниот систем. За возврат е потребно, како што вели еден од актерите на видео снимката, да се поткова претседателот. Цената е ситница, само неколку илјади марки. Аферата многу брзо стана вирална, но без правосуден епилог. Тегелтија и понатаму е претседател на Високиот совет на обвинители. Година и пол подоцна, повторно е главен лик, овојпат во аудио продолжението на блокбастерот под наслов „Потковување 2“.

Сега договара со членка на Високиот совет на обвинители да ѝ среди позиција на судија на нејзината сестра. Аферата повторно предизвика огромно внимание во јавноста. Секако, веќе никој не верува дека и оваа епизода ќе има праведен крај. Очигледно потковувањето е сѐ уште во мода.

 

Елдин Кариќ, долгогодишен новинар, еден од најистакнатите актери во борбата против корупцијата. Директор на Антикорупциската мрежа ACCOUNT BiH и уредник на онлајн магазинот „Журнал“, извршен директор на Центарот за развој на медиуми и анализи.