Во јавноста големо внимание предизвика и случајот на полициска бруталност во Битола, кога тројца Роми беа нападнати од страна на полициски службеници. Овој настан сеуште нема судска завршница, а во меѓувреме тензијата помеѓу не-Ромите и Ромите во државата порасна.

Елвис Шаќири

Светската пандемија го промени секојдневното функционирање, а на дел од Ромите им ги продлабочи предизвиците и ги истакна системските проблеми со кои Ромите се соочуваат во последните 20 години. Првиот  забележан предизвик беше враќањето на Ромите музичари од странство кон средината на март 2020 кога припадници на Министерството за внатрешни работи со дискриминаторски акт одлучи девет музичари Роми да бидат сместени во државен карантин во лоши хигиенски услови, а дозволи триста патници Не-Роми да се самоизолираат во домашни услови. Со помош на притисокот на АВАЈА и останатите организации, групата музичари беа префрлени во друго место во изолација.

Во јавноста големо внимание предизвика и случајот на полициска бруталност во Битола, кога тројца Роми беа нападнати од страна на полициски службеници. Овој настан сеуште нема судска завршница, а во меѓувреме тензијата помеѓу не-Ромите и Ромите во државата порасна, особено говорот на омраза на социјалните мрежи. Зголемениот говор на омраза и дискриминацијата кон Ромите беше забележан и во Кочани, кадешто 10 годишно дете Ром беше физички нападнато од страна на лица кои правдата ја зеле во свои раце. Овој случај ги поттикна  не-Ромите да ги поддржат  насилниците со предлог за патроли во ромски населби. Како и претходниот, и овој настан сеуште нема правна разрешница што укажува на тоа дека Ромите тешко стигаат до правда.

Покрај случаевите на насилство и дискриминаторски третман и приказ, пандемијата предизвика поголем јаз кај учениците Роми кои не следат онлајн часови. Ова се случи затоа што многу од ромските семејства немаат пристап до електронски уред способен за следење на онлајн настава, ниту пак интернет којшто ќе овозможи децата да учествуваат на онлајн часовите. Ромите коишто учествуваа во неформалната економија останаа без приходи поради рестрикциите кои се наметнаа од воведувањето на вонредна состојба. Дополнително, влезот во системот на социјална заштита се отежни поради административните процедури и недоволната информираност на населението. Предизвиците беа зголемени и за лицата без извод од матична книга на родени, особено во делот на здравството.

Пандемијата полека стивнува, меѓутоа нас ни преостанува да го истражиме процентот на починати Роми од КОВИД-19. Краткиот животен век на Ромите е документиран во многу извештаи, при што од резултатите на државниот завод за статистика укажуваат дека 7% од ромската заедница умира на годишна возраст од 25 до 44, 37% умира на годишна возраст од 45 до 64 години, 49% умира на возраст од 65 до 84, а само 7% доживува 85 годишна возраст. Немањето на соодветен пристап за приоритетно вакцинирање претставува проблем за ранливите категории и самата ромска заедница. Наши податоци покажуваат дека ромските маала каде што нема пристап до интернет или електронски уред,  се надвор од круговите за вакцинација особено лицата без документи. Препорака е следните дози да бидат насочени кон ранливите категории на граѓани директно на терен.

Пандемијата значително ги истакна социо-економските диспаритети со кои Ромите се соочуваат во државата. Мерките кои се донесоа на краток рок до некоја мера ги ублажија последиците од кризата, сепак останува државата во креирањето на долгорочните политики и инвестиции да ги насочи кон Ромската заедница со цел да се надминат системските недостатоци.

 

Елвис Шаќири е  извршен директор и еден од основачите на Институтот за истражување и анализа на политики – Ромалитико. Магистер по човекови права при Централно Европскиот Универзитет во Будимпешта.