Најновото истражување покажа дека околу 70% од младите размислувале за трајно напуштање на Црна Гора. Во Црна Гора, како и секаде во регионот, младите се сѐ помалку подготвени за да чекаат некое подобро време.

Един Кољеновиќ

 Регионот на Западен Балкан во изминатите децении се соочуваше и сè уште се соочува со демографски проблеми. За ова особено сведочи фактот дека бројот на вкупно работоспособно население на Западен Балкан се намали за скоро половина милион во последните пет години. За ова сценарио придонесоа не само негативниот природен прираст на населението, туку и бројни фактори, главно политички и економски, кои ги обликуваа споменатите трендови, а особено трендот на заминување на младите од нашата област.

Црна Гора има најголем напредок во процесот на преговори со Европската унија, но сепак се чини дека овој напредок сè уште не донел конкретни резултати на терен и во секојдневниот живот, што би ги почувствувале граѓаните, особено помладата генерација. Напротив, најновото истражување на Фондацијата Вестминстер за Западен Балкан покажа дека околу 70% од младите размислуваат за напуштање на Црна Гора.

Зошто младите ја напуштаат Црна Гора и регионот е многу комплексно прашање, но она што сепак е видлив факт е дека младите се сѐ помалку подготвени да чекаат некое подобро време и дека, особено во време на поголеми можности и поголема поврзаност со поразвиените земји, се решаваат на тој чекор за едноставно да го реализираат својот потенцијал. Секако, оваа подготвеност да заминат не може да се припише само на фактот дека младите се претежно „нестрпливи“, туку пред сѐ, на тоа дека искуството им кажува дека веќе премногу генерации „чекаат“ и сè уште не го „дочекале“ тоа подобро време.

Заминувањето на младите е проблем што, за жал, ја загрозува суштината на државата, односно нејзините темели и нејзината иднина. Не реагирајќи на вистински начин, само покажуваме дека не ја сфаќаме и не ја разбираме на вистинскиот начин фразата „младите се иднината“. Со заминувањето на младите од регионот, нашите земји го губат основниот потенцијал за развој, ја губат својата продуктивна супстанција. Едноставно, без млади – немаме иднина.

Сепак, доколку ја разгледаме реалната состојба денеска, ќе видиме дека има многу други теми кои се во фокусот и кои, за жал, одземаат огромна количина енергија што би можела да биде креативна. Интересно е што младите луѓе не заминуваат исклучиво поради економската состојба, иако тоа секако е една од доминантните причини. Младите исто така заминуваат поради чувството на несигурност и нестабилност, правна, политичка и севкупно социјална.

Она што дополнително го оптоварува ова прашање во Црна Гора се зголемените тензии на социо-политичката сцена во последниве години, кои секако оставаат значителен ефект врз младите. Заробеноста во реторики на поделби, национализми и пресврти, а особено на конфликтните периоди од минатото на начин што поттикнува поделби, има огромно влијание врз младите. Една од последиците е нивното одбивање да продолжат да присуствуваат на сето тоа и да бидат дел од западнобалканските заблуди, и наместо тоа, јасно и во сѐ поголем број одлучуваат да заминат.

Голема одговорност е за сите општествени чинители да разберат дека мора да се фатиме во костец со овој проблем што е можно посилно и поотворено, бидејќи, во овој случај, времето не е наш соработник. Еден од начините е да се инвестира во младите преку обезбедување на што повеќе можности за нивен личен и професионален развој, а особено за израснување во активни и одговорни членови на заедницата. Тука, особено е важен аспектот на давање шанса на младите за регионална мобилност, меѓусебно запознавање и интеркултурален дијалог и учење. На овој начин можеме да работиме на градење на идните генерации, кои ќе имаат јасна визија за Западен Балкан кој живее во мир, соработка, доверба, а најпосле и економска стабилност и просперитет, бидејќи само таков регион е подобар регион по мерка на младите и тој започнува токму со младите.

 

Един Кољеновиќ е ангажиран во Регионалната канцеларија за младинска соработка – RYCO како шеф на канцеларијата во Црна Гора