„Самитот на Европа“ има за цел да воспостави нов облик на европска институционална архитектура, кој би претставувал најширок круг во серијата институционални кругови чие интеграциско јадро го сочинува Европската унија.

Душко Лопандиќ

Самитот „Европа“ со 44 шефови на државите или на владите на европските земји, одржан во Прага, не донесе, ниту најави драматичен пресврт во и онака премногу бурните случувања што ја потресуваат Европа уште од 24 февруари 2022 година. Би можело да се каже дека се работи за одредена, иако сè уште недоволно дефинирана заедничка реакција на распадот на поредокот во „пошироката Европа“, предизвикан од агресијата на Русија врз својот сосед. Започнувајќи судир каков што не е виден уште од крајот на Втората светска војна и каков што, за жал, има потенцијал и понатаму да ескалира, Русија практично своеволно се исклучи од досегашниот европски институционален поредок, како што тоа симболично го потврди и нејзиниот излез / исклучување од Советот на Европа, како и отсуството од собирот во Прага.

Еднодневната дискусија на лидерите на 44 европски држави, посветена на прашања од областа на безбедноста, енергетиката и миграциите, без цврст дневен ред, без воспоставување на институционална структура и без заклучоци (освен договорот ваквите средби да продолжат) ја покажа, во прв ред, желбата на учесниците да биде заеднички надмината моменталната, политички, економски и безбедносно опасна ситуација – без оглед на можеби различните гледишта на учесниците околу одредени конкретни прашања, или постоење на познати билатерални спорови.

Самитот во Прага, од една страна донекаде потсетува на различните форми на слични регионални собири на врвот (минус заедничката декларација) кои Европската унија редовно ги организира – од самитот со земјите од Африка до Јужна Америка. Од друга страна, „самитот на Европа“ има за цел да воспостави нов облик на европска институционална архитектура, кој би претставувал најширок круг во серијата институционални кругови чие интеграциско јадро го сочинува Европската унија. Самитот во Прага со тоа најавува нови видови паневропска соработка. Истовремено, другата страна на овој медал подразбира очекување да дојде до реватилизација на политиката на проширување на Европската унија во контекст на нови поделби во Европа и прифаќање на кандидатурите на Украина и на Молдавија (покрај Грузија) за влез во ЕУ.

Многу е важно тоа што голем број учесници од ЕУ, вклучувајќи го и германскиот канцелар Шолц, потврдија дека формирањето на ЕПЗ никако не значи алтернатива за политиката на проширување на ЕУ, која има своја динамика. Кризата и војната во Источна Европа покажаа, меѓу другото, во која мера ЕУ суштински доцни со проширувањето на Западен Балкан. Проширувањето на земјите на Западен Балкан – кое трае веќе две децении, а сè уште не му се гледа крајот – би претставувало вистинска инвестиција во европската безбедност и иднина. Во таа смисла, наместо некои предлози за поместување на идниот круг на проширување за периодот по 2030 година, би било многу посоодветно што побрзо да се разработат и применат иновативните предлози за забрзување на проширувањето на ЕУ во околности на новите геополитички предизвици. Тоа би подразбирало и постепено (градуелно), односно фазно пристапување на државите од ЗБ кон ЕУ, како што тоа начелно беше најавено и во заклучоците на Европскиот совет – паралелно со целосно вклучување на земјите кандидати од ЗБ во секторските политики на Унијата и пристап до структурните фондови на Унијата.

Во моментот кога мирот во Европа е сериозно загрозен, повеќе од кога и да е во поновата историја, интеграцијата на земјите од Западен Балкан истовремено би ги потврдила виталноста и ефикасноста на европскиот интеграциски проект и би обезбедила политичка стабилност и зголемен економски просперитет во регионот кој е од стратешко значење за цела Европа.

 

Проф. д-р Душко Лопандиќ, потпретседател на Европското движење во Србија