Злоупотребата на спортот во политички цели се огледува, пред сè, во тоа кога властите делегираат свои кадри вон спортот со цел да раководат со спортските случувања, а притоа воопшто немаат адекватно знаење од областа на спортот.

Душан Дачиќ

Поврзаноста на спортот и политиката константно се менува. Како што се случуваа политички превирања на глобалната и на регионалната сцена, така и случувањата во спортот се движеа и се усогласуваа со барањата на политиката.

Мора да се има предвид дека и спортот и занимавањето на луѓето со спортска активност е најраспространета гранка на индустрија на Земјината топка. Спортот низ времето стана една од најпрофитабилните гранки со оглед на тоа дека голем број стопански гранки се директно поврзани со спортот, како што е производството на спортска опрема и реквизити за игри на среќа, односно коцкарници. Згора на сè, спортот истовремено е поврзан со фармацевтската индустрија и со специфични гранки од медицината.

Со формирањето на Олимпиското движење, МОК во своите документи изречно забрани вклучување на политиката во спортот. Меѓутоа, времето покажа дека тоа не е испочитувано. Како пример можеме да ги наведеме половичните Олимписки игри во Москва (каде што не учествуваа западните земји), потоа во Лос Анџелес (каде што не учествуваа земјите од источниот блок) и, како последен пример, Олимпијадата во Пекинг каде што имавте дипломатски бојкот.

Спортот исклучително се „омасови“ во последните 30 години. Воведено е рамноправно учество на жени и мажи, вложени се огромни финансиски средства, со што е зголемен и бројот на спортски дисциплини. Освен спортисти, вклучен е и голем број рекреативци и навивачи. Финансирањето на спортот е во голема мера поврзано со извршните власти, особено кога станува збор за организирањето на проектни конкурси, чие спроведување се обезбедува од средствата на даночните обврзници. Оттука, со цел да ги заштитат своите интереси во процесите на одлучување, сè поголем број спортисти, тренери и општествено-спортски работници се вклучуваат во политиката, со што стануваат активни учесници во политичките процеси.

Популарноста на спортот и застапеноста на спортот во јавниот живот и во медиумите влијаеше на заинтересираноста на политичките фигури за вклучување на сè поголем број спортисти во своите активности. Мое мислење е дека не се врбувани, туку дека тоа се исклучиво нивни одлуки поради остварувањето на одредени интереси и заштита на работата со која се занимаваат.

Доколку се осврнеме на поврзаноста на политиката и спортот на просторите на поранешна Југославија, ќе видиме дека првите сигнали за распадот на Југославија беа експонирани на големи спортски натпреварувања. Првите сигнали на политички разидувања секогаш прво се јавуваат во областа на спортот и на културата, а потоа следат и други облици.

По распадот на Југославија, дојде до разединетост во сите сегменти. Меѓутоа, со смирувањето на политичката ситуација, повторно се обновуваат врските меѓу поранешните републики, и тоа на прво место преку спортот и културата. Се формираат регионални лиги во одредени спортови и доаѓа до спроведување на проекти за регионална соработка со цел унапредување на меѓуетничката толеранција. Злоупотреба на спортот во политички цели нема, затоа што одлуката за тоа дали некој ќе се вклучи во политика потекнува од личната природа на поединците и нивните интереси. Приказната за тоа дека одредени спортисти се злоупотребени во изборните процеси и во политиката се јавува кога поединците не ги остваруваат своите интереси, па наоѓаат оправдување за своите одлуки, обвинувајќи други.

Секое вклучување на спортистите во политичките текови е нивен личен избор за кој се врзани и успеси и порази. Најголемиот проблем настанува кога спортистите се вклучуваат во политика, а пред тоа не се едуцирале и не го стекнале потребното знаење за новата активност која е сосема поинаква од спортските активности.

Денеска злоупотребата на спортот во политички цели се огледува, пред сè, во тоа кога властите делегираат свои кадри вон спортот со цел да раководат со спортските случувања, а притоа воопшто немаат адекватно знаење од областа на спортот.

Големата популарност на спортистите, која во последните неколку децении е сè поголема поради присуството на социјалните мрежи и застапеноста на спортистите во јавниот простор, исклучително влијае на формирањето на јавно мнение на просторот на Западен Балкан. Пред сè, затоа што спортистите честопати се идоли на младите генерации, кои се носители на идниот живот во регионот.

 

Душан Дачиќ, поранешен селектор на карате репрезентацијата на СР Југославија