Национализмот зборува исклучиво со големи зборови: Идентитет, Историја, Традиција, Јазик, Писмо, Симболи… Не слегува од тие височини – тој не го гледа народот. Него „вистинскиот народ“ и не го интересира, не се симнува тој на тоа ниво.

Д-р Дубравка Стојановиќ

Често може да се слушне дека национализмот е сосема во ред. Затоа што, демек, што не е во ред со тоа да го сакаш својот народ? Епа, проблемот е во тоа што национализмот не е љубов кон својот народ и што националистичката политика му се удира од глава токму на народот, што тој ја плаќа најскапата цена.

Зошто го кажувам ова? Го кажувам затоа што национализмот зборува исклучиво со големи зборови: Идентитет, Историја, Традиција, Јазик, Писмо, Симболи… Не слегува од тие височини. Не ги гледа затруените реки, загадениот воздух, болните и сиромашни луѓе, невработените, депониите на секој чекор, осакатените шуми, уништените болници, необразованата младина… Со други зборови – тој не го гледа народот. Него „вистинскиот народ“ и не го интересира, не се симнува тој на тоа ниво. Маѓепсан од големите зборови, национализмот исцртува замислени граници и ги повлекува своите црвени линии, испишува заветни мисли, ја жртвува иднината на славното минато. Нацијата за националистите е пред и над народот, замислените големодржавни интереси се поважни од интересите на граѓаните. Зошто велам големодржавни. Па токму затоа што национализмот никогаш не се помирува со постоечките граници, тој секогаш ги гледа многу подалеку, таму каде што некогаш биле, каде што еднаш би требало да бидат. Секаде, само не таму каде што се сега. Затоа национализмот не го интересира она што е овде и тука, затоа тој тоа не може ни да го види, неговите погледи се вперени во иднината, неговите цели се таму далеку.

Затоа, националистички видена, нацијата е не само пред и над, туку и против народот. Бидејќи, за остварување на националистичките цели не се потребни моќна економија и висок животен стандард, слобода на печатот, моќни институции, независно судство, автономен универзитет, критички интелектуалци, опозиција… Сето тоа се гледа како препрека, сето тоа ја расипува среќата, буди од сонот. Затоа национализмот во опозицијата гледа предавник, во слободниот печат злонамерно мрчало, во поделбата на власта – слабост, во институциите и во законите – проблем, во критичките интелектуалци – „автошовинисти“, што и да значи тоа. За да го оствари своите цели, национализмот бара сѐ што е спротивно на тоа – силен водач, послушен народ, целосна контрола и постојана борбена готовност нешто да се брани, а богами, и нешто да се заземе. И затоа, во крајна линија, националистичките интереси се спротивставени на интересите на народот, државата е тука против општеството.

Уште поголем проблем е состојбата на свеста која ја зрачи национализмот. Затоа што идентитетот се гради со помош на сликата за другиот, нема претстава за себе без претстава за оној кој е божем сосема поинаков од нас. Најлесно е тоа да биде соседниот народ или, уште подобро, национално малцинство. Тука се, ги познаваме добро и сигурно се виновни за нешто. За да им изгледаме НИЕ подобри, поголеми, постари и поубави на националистите, неопходно е оние другите да бидат полоши, помали, помлади и погрди од нас. Отттаму тоа чувство на супериорност кај националистите. А штом сме супериорни, имаме и поголеми права. А кога имаме поголеми права, ред е да им ги одземеме на оние другите. И така, во троскок, стигнуваме до психолошка основа за конфликт. Покрај тоа, постојано се создава впечаток дека оној другиот непрестано ни се заканува, дека тој е извор на нашите проблеми, поради него сме во постојана параноја… Е, само кога не би постоел тој… Затоа злосторството е последниот стадиум на национализмот, задолжително извира од него, тоа е неговото конечно остварување. И затоа национализмот воопшто не е во ред, тој ги јаде своите деца.

 

Д-р Дубравка Стојановиќ, историчарка, редовен професор на катедрата за историја на Филозофскиот факултет во Белград