Бугарски пасош извадив. Не сум планирал српски пасош до сега да вадам, ама од кога се случи ова, се повеќе помислувам. И мене да ми се најде за нешто српсково потекло.

Димитар Николовски

Во првите денови од март годинава седев во група од десеттина Македонски државјани во зградата на Медицина рада во Врање, слушајќи слични вакви изјави. “Германија за работа е супер, ама прво до Врање по вакцина.” Тие денови одевме во Врање само надевајќи се дека ќе се смилуваат да нѐ боцнат без да имаме закажан термин. Тоа беше повеќе од еден месец пред големата македонска (а богами и балканска) “инвазија” на Србија, кога на покана од Вучиќ неколку десетици илјади македонски државјани се вакцинираа со закажани термини. Се погодив во група каде половина од луѓето го истакнуваа своето српство, српско потекло, “чији је џед оклен био”, како и симпатии кон српскиот народ и големиот лидер, а разочарани од “себичноста” и празните ветувања на ЕУ и западните партнери. Овие разговори ме наведоа на размислување што тоа значи за определбата на македонските граѓани, особено заради значајноста што ЕУ ја има за големите национални прашања, како и за новата национална митологија на Македонците.

Несомнено, уште повеќе вакви разговори се воделе и за време на подоцнежната “инвазија” над Србија. Корона кризата предизвика неколку големи глобални историски моменти, а ова беше дефинитивно еден од нив. Иако атомизиран, Југо-просторот доби на поголемо значење преку вакцина феноменот. Неговите редови значително се збија, со Вучиќ и неговиот вакцински успех како кохезивна сила. Евроентузијастите (а и ЕУ граѓаните од Унгарија и Хрватска) отидоа по спас во најблиското соседство, кое седи помеѓу Истокот и Западот, Европа и Русија, Кина и Америка, неодлучно, и полно со вакцини.

Во изминативе неколку години поминавме низ бурен период каде националниот идентитет доживеа потреси. Промената на името на државата и договорот за пријателство со Бугарија ја зајакнаа поларизацијата, токму поради идентитетските импликации. Некои би рекле дека идентитетот е спасен, други дека е променет, а трети дека е целосно избришан, па сега треба да се спасува. Се уште не знаеме што се готви со сегашната блокада во Бугарија и каков ефект ќе има тоа на националниот идентитет. Но, самиот договор за пријателство предизвика повторно различни видувања, од такви дека на никој начин нема влијание на идентитетот, преку тоа дека ќе се случува национална катарза и ќе “разбереме” некои работи кои се криеле од нас за време на Југославија, до тоа дека ќе се случи катаклизма и бришење на идентитетот (повторно).

Резонот на овие промени нѝ е многу добро познат. Доколку не беа Евроатлантските интеграции, немаше да постои ниту сила спремна на тоа, ниту пак каква-таква поддршка кај населението за овие огромни чекори. Државата, преку промените на името и преку потенцијалните промени во историско-идентитетските приоди, дефинитивно се промени. Иако “името не задира во идентитетот,” сепак постојат промени во тоа како се чувствуваме, и како треба да се дообјаснуваме кога се претставуваме. Северно-македонски идентитет не се промовираше, ама Европско-македонски дефинитивно. Јас би одел и чекор понатаму, да кажам дека Евроатлантските интеграции станаа новата национална митологија на Македонија. Без разлика кој колку е среќен со тоа, во иднина промената на името ќе има иста историска значајност како и Александар, Илинден, АСНОМ, и сл., како еден голем момент со далекусежни влијанија, позитивни или негативни.

Но, да се вратиме на вакцините и муабетите кои ги слушав. Новиот национален мит дојде со една фетишизирана слика за ЕУ дека тоа е еден робустен, еластичен, пред се ефикасен систем спремен да одговори на предизвиците. Затоа и сме истренирани да го сакаме, затоа и бевме подготвени на идентитетското жртвување. Сепак, кога реално бевме загрозени и ни требаа вакцините, тој идеализиран систем задоцни. Европските Македонци бараа спас во балканска Србија.

Тоа беше удар за процесот на зацврснување на новата национална митологија – дефинирана преку ветените придобивки од ЕУ процесите – и поени плус за вакцинско-ефикасната конкуренција од Исток. Европските вакцини, иако подоцна и во помал број, сепак дојдоа. Играта продолжува. Фон дер Лајен твиташе на македонски. За неколку дена одам да се ревакцинирам, сигурен сум дека разговорите прогресирале.

 

Димитар Николовски, политиколог, Центар за европски стратегии Евротинк