Мојот Фејсбук-фид беше преплавен од објави на одушевување и од мажи и од жени затоа што Америка ја избра првата жена потпретседателка. Многу кратко потоа, БиХ на локалните избори избра само три жени началнички, додека политичките партии кандидираа 396 мажи и само 29 жени.

Пишува: Азра Диздар

Еднаквоста меѓу половите во светот нема да биде остварена за 99,5 години. Тоа значи дека никој од нас во својот живот нема да ја види еднаквоста меѓу половите на дело, а тоа веројатно нема да го доживеат ниту нашите деца. Ова се резултатите од извештајот на „Џендер геп“ за 2020 година во рамките на Светскиот економски форум.

Читајќи ја студијата, ми одѕвонуваат зборовите на баба Јасмина што таа, како горда, а сепак многу грижлива Херцеговка, често ми ги повторуваше: „Зака, што и да правиш во животот, секогаш мораш да имаш свој леб“. Во преносно значење, бабиното „да имаш свој леб“ беше инструкција да ми биде приоритет да се изградам како финансиски независна жена, за навистина да бидам слободна да управувам со својот живот. Да имам можност за избор.

Зака е прекар што токму таа ми го даде и што го носам 28 години, а исто толку го носам и нејзиниот аманет и се трудам да го претворам во дела. Всушност, реалноста на животот која, кога ќе се преклопи со подрачјето на работа каде што делувам, а кое тесно го допира остварувањето на рамноправност меѓу половите, честопати прави буквално да се судрам со бабините зборови. Се сетив на нив кога читав за СОС линиите во сигурните куќи кои се вжариле во текот на „локдаунот“. Токму економската зависност на жените честопати е причина зошто жените жртви на насилство во семејството не можат така лесно да го напуштат насилникот.

Студијата на Вестминстер фондацијата за демократија покажува дека најчеста причина за заминување на младите луѓе од БиХ е неможноста за наоѓање работа и јасно е дека да се биде економски независна личност не е само прашање на избор.

Сепак, додека со месеци читав за порастот на насилство во семејството, помислив како јас сепак би можела полесно да си заминам кога и самата би се нашла во таква ситуација, затоа што сум финансиски независна.

Бабините зборови тогаш станаа уште поважни.

Правото на работа на жените не им е „подарено“, туку за него сме се избориле како што сме го направиле тоа и со правото на глас на избори, па бабиното „да имаш свој леб“ си го преведувам како дел од пошироката борба за еднаквост на половите.

Мојот Фејсбук-фид беше преплавен од објави на одушевување и од мажи и од жени затоа што Америка ја избра првата жена потпретседателка. Многу кратко потоа, БиХ на локалните избори избра само три жени началнички, додека политичките партии кандидираа 396 мажи и само 29 жени. Зошто ни е драго да ја видиме Камала Херис на таква позиција, но не им веруваме на жените во нашето опкружување?

Секој ден соработувам со голем број на политичарки од БиХ. Многу од нив би сакала да ги видам на лидерски позиции, не затоа што се жени, туку затоа што знам дека би биле одлични премиерки и државнички. Често ме прашуваат зошто некој би гласал за жена само затоа што е жена. Одговорот секогаш е ист: не треба, но немој да не гласаш само затоа што е жена.

Постојат безброј истражувања и практични примери кои зборуваат во корист на жените како лидерки на нашите општества. Јас овде нема да ги наведувам за да ја бранам позицијата на жените како политичарки во општеството на БиХ. Всушност, наша должност е да знаеме дека општествата ни напредуваат само тогаш кога и жените имаат еднакви можности како и мажите. Можеби не сме свесни дека кога одлучуваме да не гласаме за жена само врз основа на нејзиниот пол, всушност исклучуваме 51% од популацијата на БиХ.

 

Азра Диздар, kонсултант на Меѓународниот институт за стратешки студии. Дипломирала на СОАС Универзитетот во Лондон, специјализација: млади, мир и безбедност. Виолинистка.