И понатаму сме сведоци на кршење на човековите права на ромската заедница, насилство врз Ромите во училиштата, дискриминација во разни јавни институции, вклучително и здравствена заштита, што е особено загрижувачки во време кога светот се соочува со пандемија.

Даут Куланѓи

Пандемијата на коронавирус влијаеше врз секојдневниот живот на сите, меѓутоа, се чини дека во овој момент на Косово најтешко им е на Ромите кои инаку живеат на маргините, со товарот на сиромаштија и соочени со бројни предизвици.

Тешките услови за живот на ромската заедница во Косово беа дополнително комплицирани од пандемијата, и во моментот многу семејства се соочуваат со недостаток на основни средства за егзистенција, што ја прави ситуацијата алармантна.

Информациите од терен недвосмислено покажуваат дека ромската заедница во Косово се соочува со бројни тешкотии во сите животни сфери. Најголемите проблеми што се рефлектираат во секојдневниот живот се во областа на здравството, образованието и вработувањето, каде квотите предвидени со закон кога станува збор за вработувањето на малцинските заедници сè уште не се почитуваат.

Станбените проблеми, вклучително и тешкотиите поврзани со социјалната заштита, го оптоваруваат животот на Ромите повеќе од кога било. Голем број од нив живеат во лоши санитарни услови, немаат пристап до вода за пиење, основна хигиена. Често живеат во куќи без основна инфраструктура.

Значи, основните мерки за превенција против КОВИД – 19, како што е миењето раце со топла вода, се недостижни за нив. Нееднаквиот пристап до примарна здравствена заштита е додаден на постојното социјално исклучување и сегрегација.

Ниската стапка на вработеност кај маргинализираните Роми беше дополнително намалена за време на корона кризата. Социјалните мерки донесени од државата се однесуваат само на луѓе кои ги изгубиле своите формални и редовни работни места, што не ја олесни положбата на Ромите, затоа што беа невработени и пред кризата.

Фискалниот пакет на Владата на Косово не ги опфаќаше во доволна мера потребите на заедниците, особено на Ромите. Ова е резултат, според многумина, на недостаток на вистински информации, но и на гломазната бирократија, која влијаеше на тоа голем број луѓе да не можат да се пријават за пакети помош.

Со преминот на онлајн настава, учениците од ромската заедница не можеа да бидат дел од образовниот процес поради недостиг на интернет, паметни телефони… Некои невладини организации презедоа иницијатива да донираат паметни телефони и лаптопи на деца кои не можат да си го дозволат тоа, да се приклучат во учењето на далечина.

Проблемот со пристапот до Интернет ја направи и вакцинацијата недостижна за многу Роми, бидејќи не можеа да се пријават по електронски пат, како што беше предвидено.

Пандемијата негативно се одрази и врз економијата. Сиромашните станаа уште посиромашни. Изолацијата и ограничувањето на движењето најмногу ги погодија Ромите, бидејќи повеќето преживуваат од рециклирање материјал, кој се бара од место до место, од контејнер до контејнер.

И понатаму сме сведоци на кршење на човековите права на ромската заедница, насилство врз Ромите во училиштата, дискриминација во разни јавни институции, вклучително и здравствена заштита, што е особено загрижувачки во време кога светот се соочува со пандемија.

Затоа е важно јавно да се зборува за дискриминацијата, да се слушне гласот на Ромите. Затоа е важно образованието на децата Роми, бидејќи, како што еднаш рече Нелсон Мандела, „образованието е најсилното оружје што можете да го искористите за промена на светот“.

 

Даут Куланѓи, долгогодишен ромски активист, новинар, уредник и радиотелевизиски водител на радио и телевизија