Примерите за заштита улцињската и тиватската солана се сликовит приказ на работата на државата: како изгледа кога сакате и кога не сакате, па кога морате.

Нѐ уверуваа политичарите во последниве 30 години дека не постои помало парче европско копно на кое има повеќе богатства одошто во Црна Гора. Несвесни за нејзините богатства, истите тие ја прогласија за прва еколошка држава на планетата. Во тоа време не знаеја, да речеме, дека во државата може да се регистрира 65% од европската фауна на птици, дека индексот на густина на птици гнездарки во Црна Гора е значително над балканскиот просек, дека Црна Гора според површината се наоѓа на 39. место во Европа, додека според бројот на гнездарки се наоѓа на 23., веднаш по Унгарија, која е речиси седум пати поголема од Црна Гора. Исто така, во Црна Гора има повеќе гнездарки одошто во Велика Британија, Чешка, Португалија, Данска, Словенија или Швајцарија. Во однос на растителното богатство, нашата земја би ги „изела“ Велика Британија или Унгарија.

Сѐ што се случи пред 30 години, кога станавме први во светот, кога Клаудија Шифер носеше црногорска кошула и се фотографираше по, до тогаш, сѐ уште живите катуни на нашите преубави планини, падна во вода неколку месеци подоцна, кога гордата Црна Гора влезе во војна против Хрватска. Наместо да мавтаме со знамето на земја со зачувана природа, избравме да носиме воени знамиња.

Првиот испукан куршум беше и почеток на колапсот на нашата природа и раѓањето на нов поредок. Шумите почнаа немилосрдно да страдаат. Орнитолошкиот резерват „Панчева ока“ на Скадарското езеро, заштитен уште во 1968 година како гнездилиште на пеликани, стана транзитен резерват за шверц на нафта од Албанија, иако според законот, резерватите се простори каде што е ограничен влез, па дури и научно-истражувачка работа. Пеликаните нѐ напуштија, столетните елки од Дурмитор завршија во фабриките за мебел, а дивечот во нашите шуми стана лесен плен на ловокрадците. Со подигањето на еколошката свест, со почетокот на работата на невладиниот сектор кон крајот на деведесеттите, нештата почнуваат да се менуваат. Се сфаќа важноста на тие пеликани за туризмот, важноста на заштитата на националните паркови, важноста на чистите реки. Но, сето тоа не е доволно додека истото не го сфатат централните власти, државните агенции и институциите задолжени за спроведување на законот.

Примерите за процесот на заштита на Улцињската и на Тиватската солана се сликовит приказ на нивната работа: како изгледа кога саката и кога не сакате, па кога морате. Процесот на заштита на средновековната солана во Тиват, во прв ред поради важноста и поради богатството на птици, благодарение на која е изграден нашиот убав Котор (бидејќи солта во минатите времиња била бело злато), започна во 2007 година, во екот на руските инвестиции на приморјето на Црна Фора. Тиватските солила се наоѓаат веднаш до аеродромот Тиват, на совршена локација за сите инвестиции, а беше планиран и аква парк. Општината Тиват, „Морско добро“ и невладиниот сектор со заеднички сили го оттргнаа ова парче земјиште од интересот на инвеститорите и го заштитија како орнитолошки резерват. Денеска, по 12 години од заштитата, таму гледаме фламинга, местото доби статус на мочуриште со меѓународна важност и служи како гордост и пример како треба да се работи.

На далечниот југ, процесот на заштита на Улцињската солана започнува во 2000 година, на иницијатива на тогашниот Завод за заштита на природата при Општина Улцињ. Сите актери што беа во игра: Владата на Црна Гора, Општина Улцињ, невладиниот сектор (вклучувајќи ги и ловците), беа за заштита. И на сите устите им беа полни со заштита, додека состојбата на теренот сѐ повеќе се влошуваше. Во меѓувреме престана и производството на познатата улцињска сол. Дури по 19 години овој вреден простор стана заштитен, благодарение на притисокот од неколку амбасади и од Европската комисија. Поинаку немаше ни да се оствари, и покрај „залагањата“ на сите актери. Со загубата на соланата, со оглед на тоа дека се наоѓа на Јадранскиот преселбен коридор за птици, секоја година би страдале милиони птици.

Во Црна Гора од август дуваат некои нови ветрови, затоа што Зелените станаа клучен дел од новата власт. Од нив се очекува многу на патот кон остварувањето на целите Поглавјето 27 во пристапувањето на земјата во ЕУ.

 

Дарќо Савељиќ, орнитолог и еколошки активист