Одредени клучни носители на одлуки во Црна Гора покажуваат дека останале во провинциските рамки на размислување и на водење политика, преценувајќи ја својата улога, а потценувајќи ги фундаменталните принципи.

 Милица Зиндовиќ & Далиборка Уљаревиќ 

Агресијата на Русија врз Украина го промени крвотокот на меѓународните односи. Меѓутоа, се добива впечаток дека тоа сфаќање недостига во некои делови на западен Балкан, вклучувајќи ја и Црна Гора, што е особено опасно ако се има предвид колку регионот е чувствителен на малигни надворешни влијанија, а со самото тоа, претставува и погодна почва за дестабилизација.

Ако на тоа се додаде оправданиот страв дека кризата може да има ефект на прелевање, на земјите во регионот повеќе од кога и да е им треба отворен став и искрена посветеност од страна на Европската унија околу овозможувањето на покредибилна перспектива за членство. Истовремено, тие мораат недвосмислено да демонстрираат дека остануваат на страната на цивилизациските вредности, а не со агресорот.

Дека и покрај хаосот на истокот од Европа, ЕУ не заборавила на западен Балкан укажуваат и пораките на нејзините највисоки службеници, кои имаат две комплементарни линии. Низ првата се нагласува дека државите од регионот имаат перспектива во ЕУ и дека ЕУ не крева раце од нив. Неа содржински ја дополнува и онаа од која следи дека нема да има скратени патишта при пристапувањето на која било држава, како ни толеранција кон истрајноста на владејачките структури, во одредени држави, во одбраната на сопствените интереси, а преку разидување со официјалните политики, но и вредности, на Унијата. Затоа, не е време за илузии за забрзано членство, време е за вредносно втемелување на политиките кои можат да водат до забрзано исполнување на преземените обврски на патот кон членството во ЕУ.

За жал, одредени клучни носители на одлуки во Црна Гора покажуваат дека останале во провинциските рамки на размислување и на водење политика, преценувајќи ја својата улога, а потценувајќи ги фундаменталните принципи.

Владата во заминување на Здравко Кривокапиќ веќе подолго време користи разни маневри за, по брзата декларативна согласност со политиката на санкции, да избегне да воведе ефективни санкции кон Русија. Последниот таков маневар беше изведен на седницата на 17 март 2022 година, кога како образложение беше искористено наводното непочитување на интерните процедури. На тој начин, Здравко Кривокапиќ, заедно со неговите министри, ѝ нанесе огромна политичка штета на државата Црна Гора, која ја позиционира како партнер на НАТО и на ЕУ што не е од доверба, и тоа тогаш кога тоа посебно се мери и се памети. Иако оваа Влада наскоро ќе си замине, тој печат Црна Гора долго ќе го носи и тешко ќе го отстрани.

На другата страна, во тек е формирање на т.н. малцинска Влада, со која неоправдано се доцни. Тој процес почна пред украинската криза, а рефлексиите на таа криза прелесно се игнорираат во текот на политичките преговори. Се чини дека до клучните актери не допира фактот дека Владата ќе биде перцепирана како проевропска само ако секој нејзин конституент и член има експлицитен став околу Украина, а кој би бил во согласност со позицијата на НАТО сојузот и на ЕУ. Исто така, еднакво се подразбира дека секој конституент и член мора да има дистанца и отпор кон хегемонистички проекти, без разлика дали тие имаат корен во Русија и/или Србија, а тоа ги вклучува и актерите преку кои тие проекти се стремат да се остварат.

Прв чекор кон решавањето на проблемот е препознавањето на неговото постоење, а нашиот е, пред сѐ, од внатрешна природа. Затоа, иднината на Црна Гора во ЕУ зависи исклучиво од нас и од нашата интерна подготвеност и волја да му дадеме моќен импулс на овој процес, да го зајакнеме функционалното владеење на правото и на институциите, но и да го штитиме граѓанскиот карактер на државата. Забрзувањето или забавувањето на процесот на проширување делумно ќе зависи од развојот на ситуацијата во Украина. Но, во кое било сценарио, ЕУ ќе инсистира на извршување на преземените домашни задачи и не е извесно дека ќе ризикува прием на неподготвени држави во веќе оптоварената Унија.

 

Далиборка Уљаревиќ, граѓанска активистка, извршна директорка на НВО Центар за граѓанско образование (ЦГО). Милица Зиндовиќ, соработничка на програмите во ЦГО.