Решението за руско-украинската криза е решение и за поизвесна зима во Црна Гора.

Горан Капор

Годишната инфлација официјално изнесува, иако методологијата се доведува во прашање, 11.7 отсто, пред сѐ поради растот на цените на основните животни намирници и на горивото за околу 30 отсто.

Намалувањето на акцизите на гориво за 50 отсто влијаеше на пониските цени за 27 до 33 центи по литар, килограм брашно и векна леб се поевтини за околу 5 центи, а сѐ уште не се познати ефектите од ограничувањето на маржата на основните животни намирници на 5 и на 7 отсто, бидејќи мерката штотуку стапи во сила. Годишните потреби на Црна Гора за нафтени деривати изнесуваат 320 милиони литри. Со намалувањето на акцизите за 50 отсто и со тоа на сразмерниот дел на ДДВ, државата месечно губи 8-9 милиони евра.

За шест месеци Управата за приходи и царина инкасирала 976 милиони државни давачки што, како што соопштија, е за 130 милиони евра повеќе од планот предвиден во буџетот. Поради позначајните акции за сузбивање на шверцот со цигари, наплатата на акцизите на тутунските производи е зголемена за 83 отсто, на 38,5 милиони.

Министерот за финансии Александар Дамјановиќ пред неколку дена изјави дека на државниот буџет ќе му биде потребен вонреден заем од 170 милиони евра, поради обврски кои доспеваат за наплата. Пари од редовните буџетски приходи, рече, има за најавеното вонредно покачување на пензиите, социјалните и детските додатоци.

Добрата вест е што банкарскиот систем е исклучително стабилен. Вкупните депозити во банките на крајот на мај годинава изнесуваат 4,4 милијарди. Најголемиот проблем на Црна Гора во оваа ситуација е што мора да увезува 98 отсто жита и брашно за исхрана на луѓето.

Кога Србија го забрани извозот во март, пекарите имаа брашно за 10 дена. Владата подоцна се пофали дека увезла пет шлепери од Бугарија. Вкупната потреба од брашно е околу три отсто од вкупното производство на пченица во Србија. Доколку се продолжи договорениот извоз од Србија според сегашните квоти, не би имало недостиг на брашно.

Црна Гора во изминатите децении практично остана без индустрија, па сега има вишок на електрична енергија. Енергетскиот биланс за следната година укажува дека вкупното производство на електрична енергија ќе изнесува 3.500 гигават часови (GWh), а потрошувачката ќе биде околу 3.000, а за извоз ќе останат 500 GWh. Според сегашните цени на европските берзи, таа сума би била вредна околу 150 милиони евра, што е околу три отсто од БДП на Црна Гора.

Во изминативе три години во Црна Гора немаше поскапување на струјата, и покрај драстичното поскапување на меѓународните берзи минатата и оваа година. Доколку, на пример, се случи нешто непредвидено со термоелектраната Пљевља, Црна Гора би морала да увезе половина од потребната струја по сегашните берзански цени и во тој случај цената не би била 5,2 центи, туку околу 35 центи.

Она што е важно за Црна Гора, како доминантно туристичка економија, е оваа летна туристичка сезона да биде добра, за полесно да помине тешката и неизвесна зима.

Меѓутоа, овогодишната туристичка сезона е доведена во прашање. Туристите од Русија и Украина во 2019 година оствариле 3,9 милиони ноќевања, што е 28,2 отсто од вкупниот број. Гостите од овие две земји тогаш донесоа околу 310 милиони евра, што е околу шест отсто од БДП. Според сегашните податоци, Русите и Украинците остваруваат само четири отсто од ноќевањата, а вкупниот број на туристички посети е за околу 20 отсто помал од 2019 година.

Како и сите во регионот, и ние во Црна Гора можеме само да се надеваме дека политичарите и воените лидери наскоро ќе најдат решение за руско-украинската криза.

 

Горан Капор е новинар во економската редакција на независниот дневен весник „Вијести“