Денеска, повеќе од кога и да е во нашата понова историја, потребна е непоколеблива решителност и посветеност за да се осудат политичарите кои сеат раздор и повикуваат на војна во регионот.

Газменд Берлајоли

Позитивните вести отсуствуваа и во 2022 година: руската агресија во Украина, со дезориентирачки вести од сите страни, со право се смета за главна тема на годината; дијалогот Косово-Србија продолжи со реторика која наликува на минатиот век, а недостатокот на реформски јазик ја прави веродостојна теоријата дека Балканот наидува на пречки што тој самиот ги прави.

Европската унија, изградена врз принципите на слободата, либералната демократија, беше соочена и предизвикана од скептичните десничарски сили кои, меѓу другото, сметаат дека земјите од Западен Балкан, не гледајќи ја целината, се занимаваат со детали, што ги попречува правилно да ги разберат факторите кои ја градат Европската унија. Како резултат на овие настани, ЕУ се чини дека застана на крстопат на кој недостасуваат инструкции, знаци во која насока да се движи.

Инфлацијата ја уништи социо-економската ситуација во речиси секоја земја на светот, вклучувајќи го и Косово. Меѓународната трговија не е во состојба да го достигне местото каде што беше пред пандемијата и пред руската агресија во Украина, поради што синџирот на снабдување со стоки, луѓе и енергија е силно погоден од огромните зголемувања на цените. Прашањето е како ќе изгледа иднината и како можеме да создадеме односи на разбирање со другите во овие кризни времиња?!

Овие теми ја прават иднината предизвик бидејќи ја зголемуваат неизвесноста во општеството. Како поединци, можеме да влијаеме на семејството и општеството околу тоа за каква иднина треба да работиме и да бараме. Прашањата што треба да се постават се: Зошто мразиме кога можеме да почитуваме? Зошто злото се случува побрзо од доброто? Што можам да направам како поединец за поттикнувањата на војна, омразата, несоработката да станат ирелевантни теми во нашите општества? Сечија мисија е да го разбереме и следиме вистинскиот пат кој води до напредок, да ги подигаме и живееме универзалните вредности и принципи на хуманоста кои ги прават нашите земји пријатни и посакувани за нас и за генерациите што доаѓаат.

Повторното започнување на Берлинскиот процес дојде во вистинско време. Самитот во Берлин беше проследен со бројни состаноци, организирани со цели и напори да се постигне прогресивна визија, со агенда и конкретни кооперативни акции на полето на економската интеграција, просперитетот и одржливиот мир. Многу е важно да се помогне на овој процес преку придонес во дискусии што ги промовираат досегашните напори, како и други иницијативи насочени кон промена на политиките и одлуките во круговите кои се одговорни за интеграцијата на регионот во ЕУ.

Во овие времиња, кога иднината на човештвото е сериозно загрозена, народите и владите на земјите од Западен Балкан не можат да задржат неутрална позиција, ниту да седат со скрстени раце како гледачи. Денеска, повеќе од кога и да е во нашата понова историја, потребна е непоколеблива решителност и посветеност за да се осудат политичарите кои сеат раздор и повикуваат на војна во регионот. Потребни се единство, солидарност и соработка за заштита и унапредување на вредностите и аспирациите на народите од Западен Балкан.

Притоа, не смееме да заборавиме дека нашата планета е загрозена и од неактивноста на земјите околу реализацијата на заштитните политики и остварувањето на целите поставени во Зелениот договор на ЕУ и Зелената агенда за Западен Балкан. Заштитата на животната средина и планетата не познава географски граници, нации и религиозни убедувања, затоа треба да се гледа како можност што ги зближува општествата да работат заедно кон иднина која нуди перспектива и економски развој.

 

Gazmend Berlajolli, Menaxher i Projektit, Ballkani Perëndimor Forumi Ballkanik