Со години се создавани амбиент и впечаток дека без политичка поддршка – попрецизно, без поддршка од власта – нема ниту спортски просперитет.

Владимир Гојковиќ

Спортот и политиката на овие простори со години, па и со децении се поврзани, најчесто и за жал, не поради тоа што спортистите тоа го сакаат, или се свесни за тоа, туку затоа што спортот е еден од инструментите во рацете на политичките функционери и моќници, кои имаат толку искуство што знаат како да ја искористат секоја шанса да го зголемат својот рејтинг, имиџ или моќ.

Со години се создавани амбиент и впечаток дека без политичка поддршка – попрецизно, без поддршка од власта – нема ниту спортски просперитет. Едноставно, политиката вешто ги користеше спортските успеси за сопствена промоција и формирање на мислење дека без помош и поддршка од одредени политички структури не би постоеле ниту такви резултати. Од друга страна, спортските организации честопати и прифаќаат таква позиција, стравувајќи дека статусот би можел да се промени (влоши) доколку воопшто се обидат да ја разбијат таквата перцепција…

Никогаш не сум бил дел од таква приказна, кога гледам од оваа дистанца и со толку искуство, мило ми е и горд сум на тоа. И да сум имал некакви политички уверувања или идеологии, не би ги промовирал, бидејќи мислам дека како општество не сме доволно зрели, а не знам ниту кога ќе бидеме, да разликуваме мислење и став од лична и колективна корист или врска со која било политичка партија или групација.

Во развиените земји, сосема е вообичаено спортистите да учествуваат во политичкиот и во општествениот живот, а да не се доживуваат како припадници или симпатизери на кој било политички блок, ниту, пак, таквата активност да ја извршуваат со цел да стекнат некакви бенефиции, без разлика дали се лични или спортски.

Кај нас, па и на овие простори, понекогаш забораваме дека спортистите, пред сè, се само луѓе, и дека и тие можат да имаат свое мислење и право да го соопштат. Не гледам ништо спорно во тоа, доколку некои пораки се испраќаат од вистинско убедување. Не сум сигурен дека пораките или поддршката на спортистите за некоја политичка групација навистина влијаат на растот на нејзиниот рејтинг или популарност, но немам дилема дека ѝ го поправаат имиџот и дека на тој начин се користат во политичките кампањи. За разлика од нашите простори, на кои спортистите, но и останатите јавни личности, главно се само „украс“, апсолутно сум сигурен дека спортисти како, да речеме, Леброн Џејмс, или Новак Ѓоковиќ, и тоа како можат да влијаат на формирањето на јавното мнение, бидејќи е јасно дека нивните ставови немаат „скриена позадина“, туку се искрени и претставуваат вредности за кои тие вистински се залагаат.

Од друга страна, сметам дека спортот на овие простори претставува силно сврзно ткиво и „инструмент“ за зближување. Така е 30 години, тоа сигурно го знам од искуствата кои ги стекнав во мојот спорт (ватеропо). Никогаш, ама баш никогаш, не сме имале поделби од каков било вид, освен, секако, натпреварувачки и спортски, односите секогаш биле во најмала рака коректни, а и повеќе од тоа. Па, прегратката на селекторот на Србија, Савиќ, и оној на Хрватска, Туцак, по едно големо финале, така искрен и пријателски, зборува во прилог на тоа.

Мислам дека е така во сите спортови, дека постои здраво ривалство на терените, што е и суштината на спортот, а има почитување меѓу актерите. Свесни сме дека навивачките маси, особено корисниците на социјалните мрежи во последниве години, го доживуваат спортскиот ривалитет на поинаков начин, но на тоа, за жал, не можеме да влијаеме во онаа мера во која сакаме. Тоа е, сепак, свест која ја создаваат други, многу помоќни од нас.

 

Владимир Гојковиќ е селектор на ватерполо репрезентацијата на Црна Гора. Како играч или како тренер, освоил три златни медали на светските и на европските шампионати и уште неколку сребрени или бронзени одликувања на олимписките игри и на светските и европските првенства